Во понеделник, нов обид да почне дебата и да се излезе од блокадата за Законот за бранители.
ДУИ бара на албански јазик да бидат преведени и доставени сите 15.571 амандман.
Претседателката на Комисијата, Цветанка Иванова, го повика Генералниот секретар Жарко денковски, за да каже до кога ќе можат да бидат преведени сите амандмани. По неговото ветување дека тоа ќе биде завршено за ден, два, седницата Иванова ја закажа за во понеделник.
Иванова беше децидна дека нема да дозволи да се направи повторно блокирање на работата на Комисијата и за тоа вината да се бара во неа.
Претходно се изгласа ограничување на должината на дискусиите и репликите.
Со определувањето на времетраењето на дискусиите пратениците и од ДУИ и од ДПА сметаат дека им се ограничува правото на изразување во Парламентот.
Ермира Мехмети од ДУИ обвини дека целата постапка околу овој закон е проследена со преседани, вклучувајќи го и денешното гласање за ограничувањето на времетраењето на дискусиите бидејќи бил, како што рече, формиран „етнички чист блок“, со тоа што пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ гласаа „за“ ограничувањето. Според неа, денеска во Собранието се случи суспензија на демократијата.
ДУИ, рече таа, ќе продолжи да се противи на Предлог-законот за бранители со амандмани, бидејќи како што рече, тој ниту е дел од договорот за коалиција, не се наоѓа ниту во програмата на владејачката партија, ниту во Манифестот, ниту во заедничката владина програма.
„Ние сме тука за да се спротиставиме на еден ваков популистички акт и иако може да има тенденција интерес или пак институционално и политичко поигрување за да не блокираат, нашите 15.500 амандмани се најдобрата гаранција дека оваа дебата ќе продолжи, ќе трае, ќе се објаснува, ќе се толкува, и на крај ќе резултира со недонесување на еден таков контроверзен закон со последици опасни по државата. Прочитајте ги констатациите и апелите на ЕК. Главниот дел на политичкиот дијалог и функционирањето на Парламентот е токму во однос на овој проблематичен закон. Ако навистина сакате да добиеме датум за почеток на преговори тогаш да видиме што пишува, што бара и што очекува од нас ЕК“, рече Мехмети.
Атмосферата ја вжешти Зијадин Села од ДПА, рече дека не ја почитува одлуката на Комисијата истакнувајќи дека на тој начин им се ограничува правото на збор на пратениците Албанци. Ги обвини пратениците на ДУИ дека иако се дел од Владата не прават ништо за Албанците и оти не се блокира законот со бројноста на аманданите што ги поднеле.
„Ќе ви кажам јас како се блокира овој закон. Ќе ви покажам кога ќе стигнеме до последниот амандман, ќе видите кога ќе ја земеме оваа говорница, овие микрофони и овој Парламент ќе го запалиме. Сакате вака“. праша Села.
Иванова беше децидна дека нема да дозволи да се направи повторно блокирање на работата на Комисијата и за тоа вината да се бара во неа.