Четворица Тибетанци се самозапалиле во последните 24 часа во знак на протест против кинеското управување со оваа хималајска област, соопшти група тибеќански активисти, чие седиште е во Лондон. Ова се случи во предвечерието на 18-от Конгрес на владејачката Комунистичка партија на Кина, што денеска почна во Пекинг.
Групата „Слободен Тибет“, со седиште во Лондон, соопшти дека тројца тибетански монаси, на возраст од 15 и 16 години, се самозапалиле вчера попладне пред полициска станица во југозападната кинеска провинција Сечуан. Четвртата жртва, 23-годишна жена се самозапалила во соседната западна провинција Цинхај. Ова е најголемиот број самозапалувања на Тибеќани во Кина во еден ден, забележа „Слободен Тибет“. Неколку десетини етнички Тибеќани се самозапалија од март минатата година.