Без осет за отчет

Од:

Точно на денешен ден (06.03.), пред три години (2013.) се одржа првиот круг од локалните избори. ДПМНЕ тогаш во кампањата најави, ако победат на изборите, дека имаат изработено, ни повеќе ни помалку, туку точно 10112 проекти. Да, добро прочитавте – десет иљади сто и дванаесет проекти.

И, победија на изборите. Додуша, не во сите општини, туку во 55 – останатите им припаднаа на албанските партии, СДСМ, независните кандидати и партијата на турското малцинствоно. Сепак, тоа значи, ако ДПМНЕ имале подготвено 10112 проекти за сите 88 општини (иако не е најточно, но е некаков ориентир за да се добие во тотал колку проекти им припаѓаат на овие 55 општини), испаѓа дека за секоја општина биле предвидени по 115 проекти (10112 проекти : 88 општини = 115 проекти за една општина). Ако 115-те проекти се помножат со 55 освоени општини и Град Скопје, испаѓа дека ДПМНЕ, доколку држат до дадениот збор, мораат да реалзиираат вкупно 6320 проекти на локално ниво во четиригодишниот мандат. Ако се оди понатака и 6320 проекти се подели со 4 години мандат, тоа е еднакво на 1580 реализирани проекти секоја година или поделено со 365 дена во годината, се добива по 4,3 проекти дневно. Значи, за четири години, во општините во Македонија, каде власта му припаѓа на ДПМНЕ, треба да се завршуваат секој ден по 4,3 проекти. Нема слободен делник, нема неделник, нема празник, нема годишен одмор. Четири сечени ленти ултимативно секој ден. Меѓутоа, истовремено мора да има и по четири фрлени лопати секој ден, бидејќи нешто за да се заврши, најпрво мора да започне. Математиката е неумолива и егзактна наука. Логиката, исто така, го потврдува овој заклучок.

Зошто денеска, на точно три години од првиот круг на локалните избори, како порано што правеше, не се појави Груевски и ги нареди позади него сите до еден 55 градоначалници, за заедно да дадат отчет? Да им соопштат на граѓаните што е сработено, што е во тек, а што е при крај од 6320-те проекти? Па и подетално да чуевме од Влатко Ѓорчев како напредуваат проектите во општините Облешево и Чешиново. Згора и да го испечатат отчетот во една брошура, како што доликува, во едно шест иљади страни – за секој проект по еда страна посветено. Сето тоа денес не го видовме од партијата која вели за себе дека држи до дадените ветувања.

Како жител на Општина Кисела Вода, мене ме интересира што стана со проектот за дислокација на Центарот за лечење на зависници, кој во 2013. го најави кандидатката за градоначалник на Општина Кисела Вода, Биљана Беличанец, заедно со министерот за здравство Никола Тодоров? Да, тие двајцата во камери гледаа, а преку нив и директно во очи на секој жител на Општината и им ветија, доколку Беличанец постане градоначалник на Кисела Вода, дека ќе го дислоцира Центарот за лечење на зависниците. Се работи ли на овој проект, ако да – до каде е стигнато, ако не – зошто се прекинало? Дали до крајот на мандатот ќе се исполни и овој проект или не и зошто не? Осет за отчетност токму ова значи.

Не дека мене лично ми пречи што е Центарот во мојата Општина, многу повеќе ми пречат месните и општинските комитети на партијата на власт кои ги има на секој агол и тоа сместени во најатрактивни дуќани. Како да се ланец на Мекдоналдс. Од каде пари да се плати кирија за сите нив и зошто ги немаше во толкав број додека ДПМНЕ беше во опозиција? Дали и тие се плаќаат од пари на граѓаните?

Од луѓето кои се нарко и алхо зависници, за мене многу повеќе за сожалување се несреќниците кои стојат пред вратите на овие штабови и партиските активисти внатре, кои се чувствуваат за многу важни, па секој ден, до доцна во ноќта, заседаваат и за нешто дискутираат. Зависноста е болест и треба да се лекува, меѓутоа полтронството е карактерна особина, за која лек нема доколку политиката и партијата ви се единстениот начин за да успеете во животот. Затоа, за да не ги дочека следните избори неподготвен, време е за нов, 6321 проект на ДПМНЕ – отварање на Центар за лечење на разочарани партиски активисти, на кои им останале неисполнети ветувањата од партијата во заминување.

После нјавените 10112 проекти и 600-те нови вработувања кои нѝ се случуваат секој ден, ова би бил следниот, логичен, ред на нештата во апсурдноста која на дневно ниво нѝ ја приредува раководството на ДПМНЕ.

Д-р Ненад Живановски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска