Државната изборна комисија, го објави Планот за проверки статистички анализи, вкрстени проверки на различни бази на податоци и евиденции заради ажурирање на Избирачкиот список врз основа на Правилникот за методологијата за водење и ажурирање на избирачкиот список.
Според овој План, аналитичарите во ДИК ќе проверуваат дали во него се заведени граѓани на РМ кои немаат наполнети 18 годиини, граѓани на РМ кои се починати,, граѓани на РМ кои немаат живеалиште во РМ, граѓани на РМ кои немаат важечка лична карта или биометриска патна исправа,, граѓани на РМ кои се на привремена работа или престој во странство, а не се обележани со ѕвездичка, граѓани на РМ на кои со правосудна судска одлука им е одземена деловната способност.
Планот ги содржи деталите за предложената листа на прашања заедно со пребарувањата на податоци кои се препорачува да бидат направени од страна на аналитичарите на податоци.
„Потоа резултатите од пребарувањата на секој аналитичар ќе бидат споредени и ќе се прави совпаѓање, со што ќе се обезбеди висок степен на доверба во резултатите“, се наведува во Планот.
Како други проблеми кои можат да се јават при вкрстената проверка на базите се и познавањето на локацијата на некои избирачки места поради честото менување на имињата на улиците, луѓето не знаат како се ажурира избирачкиот список, бројот на гласачите не го одразува бројот на населението.
Во Планот е наведено дека Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи можат да обезбедат непрецизни и небалансирани податоци.
„Секој од забележаните проблеми треба да се разгледа детално за да може да се утврди кои конкретни податоци можат да се извлечат од расположливите бази на податоци за да може да се помогне во понатамошната истрага на проблемите“.
Заради сензитивната политичка средина, се препорачува да се договори преглед на стратегијата за теренската проверка, колку што е можно однапред, врз основа на табели со податоци, така што првичните одлуки за поставување приоритети ќе се направат без да се знае кои поединечни гласачи, избирачки места итн., ќе бидат вклучени во теренската проверка, се наведува во Планот на ДИК за начинот на кој ќе се врши селекција на податоците за теренската проверка.