Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески денеска оствари средба со Бојан Димески, освојувачот на бронзен медал за Македонија на светската ранг листа во воздухопловно моделарство во јуниорска конкуренција Ф1-А за 2015 година.
Како што соопшти Агенцијата за млади и спорт, директорот Спасески му го честита успехот на Димески и му посака уште вакви големи успеси, зошто секој личен успех претставува успех и за Македонија.
Димески има освоено 201 поен, постигнати на први места на Светскиот Куп Софија, Светскиот Куп Македонија, Светскиот Куп Прилеп и Светскиот Куп Анадолија. Тој се заблагодари за приемот и истакна дека во наредниот период ќе работи уште понапорно за да стигне до златниот медал во повисоките-возрасни конкуренции.
Карактеристиките на овој спорт бараат голема физичка подготвеност, познавање на метеорологијата заедно со современите материјали и технологии каде дизајнираната и изработена едрилица потребно е да остане што повеќе време во летање.
Бојан Димески, настапува за „Аеро клубот Прилеп“ и е ученик во трета година во германска паралелка во Гимназијата „Јосип Броз“.