Советот за етика во медиумите ги повикува новинарите и уредниците на одредени медиуми да ги отстранат практиките на, како што наведува, непрофесионално известување и да се стремат кон професионално информирање и заштита на професијата преку исклучиво служење на интересот на јавноста.
– Советот за етика во медиумите на Македонија, по повод најновите случаи на непрофесионално известување во одредени медиуми, повторно ги повикува новинарите и уредниците да ги отстранат таквите практики во своите редакции и да се стремат кон професионално информирање и заштита на професијата преку исклучиво служење на интересот на јавноста.
Наместо да биде заведувано од изворите на информации, вознемирувано од носителите на моќта или компромитирано од личните интереси, повикуваме новинарството да и’ служи на јавноста низ чесно, коректно и одговорно информирање. Служењето на јавноста не подразбира пласирање полувистини, свесно пропуштање на важни теми и прашања и изнесување лажни тврдења заради морална тортура врз поединци, групи или институции. Едностраното информирање и погрешните информации треба да бидат отстранети, а грешките поправени.
Во Советот за етика во медиумите веќе се добиени педесетина реакции и жалби за прекршување на Повелбата и Кодексот на новинарите во медиумите, а меѓу нив се и медиуми – потписници на Повелбата.
Новинарите и уредниците ги потсетуваме да ги почитуваат и применуваат принципите за професионално известување што се содржани во Повелбата за етичко известување, која ја потпишаа најголем дел од медиумите во државата. Во исто време, сооопштуваме дека процесот на прифаќање и потпишување на Повелбата се’ уште е отворен и ги покануваме и оние медиуми кои досега не се приклучија на оваа иницијатива да го направат тоа во име на потребата од заедничко ангажирање околу создавањето независно новинарство во државата, се вели во соопштението на Советот за етика.