Првиот човек на Судскиот совет, Бранко Ушковски, се пожали дека Специјалното јавно обвинителство врши влијание врз судството и пропаганда за еден центар на моќ.
Ушковски, е избран на оваа функција во 2015.та година без ниту еден ден да судски стаж. Тој е поранешен правник во Министерството за одбрана.
Неофицијално тој ја имаше партиската поддршка на владејачката партија. Според разговорот меѓу екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и актуелниот спикер Трајко Вељаноски, објавен во бомбите од опозицијата, можеше да се слушне дека Ушковски ги поминал партиските филтри.
Вељановски, како што тврди опозицијата, забележува и дека Ушковски не бил судија, а ќе одлучува за избор и разрешување на судиите.
Тој одлучува за дисциплинска одговорност на судиите, утврдува нестручно и несовесно вршење на судиската функција, утврдува престанок на судиска функција поради трајна неспособност за работа на судија, одлучува за одземање имунитет на судија, одлучува по барање за одобрување на притвор на судија и предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија од редот на судиите.
Медиумите објавија изјава и слика на Маре Ушковска, потпретседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, за која се тврди дека се во блиско сродство со претседателот на Судскиот совет.