Основниот суд Скопје 1 ги одби барањата за притвор од Специјалното јавно обвинителство поднесени за поранешниот министер Миле Јанакиески градоначалникот Едмонд Темелко е одредена мерка да се јавува во судот во Ресен еднаш неделно.
Еве што соопшти судот:
При сослушување на сите присутни лица против кој е поднесен предлогот во присуство на нивните полномошници, а постапувајќи во смисла на чл.165 ст.1 од ЗКП кој наведува „Ако постои основано сомнение дека определено лице сторило кривично дело, а доколку притворот е неопходен за водење на кривична постапка“, судија на претходна постапка ценејќи ги основите за притвор наведени во предлогот на обвинителството, за секој од наведените лица поединично, во рок од 6 часа по завршување на сослушувањето, ги донесе следните решенија: Во однос на лицето Е.Т. се одбива предлогот за притвор и му се определува превентивна мерка, јавување во Судот во Ресен еднаш неделно. Водејќи сметка да не се применува потешка мерка за обезбедување ако истата цел може да се постигне со друга мерка, дотолку повеќе на видливата здравствена состојба на лицето.
По однос на другите три лица одлуката на судија на претходна постапка е дека предлогот се одбива. Причините за оваа одлука се наведени во образложението, за кој е дозволена рок за жалба во рок од 24 часа и со оглед на тоа дека не се правосилни не може дополнително да се коментира, а кога ќе бидат правосилни ќе бидат објавени на страната на судот.
Се работи за неправосилно одлуки и истовремено не е постапено во целост по предлогот, од тие причини ги замолуваме медиумите да не се лицитира со имиња на судиите бидејќи истото може да се смета како притисок врз судиите дотолку повеќе што се споменуваат имиња што не учествувале во постапката. Одлуките на судот се јавни и по правосилноста ќе бидат јавно објавени.
Во овој момент од постапката, со предлогот од страна на обвинителството, судија на претходна постапка одлучува за обезбедување на присуство на лицата, а не се одлучува за основаноста на делата кои им се ставаат на товар на истите лица. Доколку за овие лица обвинителството поднесе обвинение, следуваат другите фази на постапката.
Во однос на прашањата за евентуални жалби доставени од обвинителството и други предлози, жалбите се доставуваат до Кривичен совет на овој суд, а до сега нема други предлози до судот и за таквите предлози и ние како суд разбравме од прес конференцијата која се одржа непосредно пред поднесување на овој предлог.
Вчера Јанакиески и Темелко беа на распит во судот откако СЈО поднесе обвиненија за изборни измами. СЈО поднесе барања за притвор на осум лица од предметот „Титаник“ и за едно лице во истрагата за предметот „Чаир“.
При отворањето на истрагата, од страна на СЈО побарано е лишување од слобода на едно лице за кое постоело опасност од бегство. За останатите лица не било побарано лишување од слобода, бидејќи не постоела опасност од бегство и немало никаква потреба од лишување од слобода на лицата со цел да бидат изнесени пред судот.