Саудиска Арабија ќе распореди воени авиони и евентуално војници во воздухопловната база Инџирлик во јужна Турција, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу пред турските медиуми, пренесе ДПА.
– Претстои да биде определен точниот број на војниците кои ќе бидат распоредени во Инџирлик, изјави Чавушоглу пред новинарите во авионот на враќање од Минхен, каде учествуваше на конференцијата за безбедносна политика.
Саудиска Арабија ја соопшти својата намера да се бори против ДАЕШ (арапскиот акроним на „Исламска држава”), велејќи дека е подготвена да испрати авиони и војници.
– За време на секоја седница на коалицијата секогаш сме ја истакнувале потребата од изработка на обемна стратегија која води до постигнување на резултат за борба против терористичката група ДАЕШ. Ако имаме слична стратегија, Турција и Саудиска Арабија би можеле да започнат заедничка операција, посочи Чавушоглу.
Базата Инџирлик се наоѓа на 8 километри од турскиот град Адана, недалеку од границата со Сирија.