Специјалното јавно обвинителство по одлуката на Кривичниот суд да не одреди притвор за осумтемина осомничени реагираше на своите профили на Фејсбук и Твитер.
Кривичниот Суд во Скопје засега пропушти да се запише во историјата на Република Македонија. Следуваат жалби!
— Специјално ЈО (@S_J_O_) February 13, 2016
– Кривичниот Суд во Скопје засега пропушти да се запише во историјата на Република Македонија. Следуваат жалби, напишаа од Специјалното јавно обвинителство.
Судот речиси редовно до сега одредуваше притвор и за далеку помали кривични дела. Од таму, иако јавноста бара, ги кријат и не ги соопштуваат имињата на судиите кои ја донеле ваквата одлука како и образложението за истата.
Градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко беше приведен вчера утрото во Ресен и веднаш беше донесен на распит во Основниот суд, а по прес конференцијата на СЈО каде ја најавија првата акција „Титаник“, синоќа на распит во Основниот суд Скопје 1 отиде и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
СЈО вчера отвори постапки за десетина кривични дела од областа на изборите и гласањето, слободите и правата на човекот и граѓанинот, општата сигурност и имот, како и кривични дела против службената должност и државата, а меѓу нив се и поранешните министри за внатрешни работи и транспорт и врски, како и актуелниот градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко.
Александар Тодески