Обединетите арапски емирати се согласија да испратат во Сирија специјални сили, кои ќе им помогнат на локалните сунити да го преземат градот Рака, кој се смета за бастион на Исламска држава, изјави денеска американскиот министер за одбрана Ештон Картер во Брисел по средбата со својот колега од ОАЕ.
Картер не прецизираше колку командоси од ОАЕ ќе заминат за Сирија.
Тој истакна дека тие ќе им помогнат на саудиските специјални сили да ги обучат локалните арапски сунити, кои имаат цел да го преземат Рака.
Картер додаде дека доколку спогодбата која беше постигната во Минхен за еднонеделно примирје во Сирија стапи во сила, тоа нема да значи прекин на операциите против ИД.
Според Картер, претставниците на ОАЕ ветиле дека ќе го обноват учеството на Емиратите во кампањата за воздушни напади врз ИД, откако вчера Саудиска Арабија му ги дала истите ветувања.