Проблемите во валоризацијата на научните трудови беа тема на денешната дебата во клуб ГЕМ, организирана од Фондацијата Отворено општество на тема „Колку Законот за научно-истражувачка дејност овозможува академска извонредност во општествените науки?“
Овој закон, изгласан во 2008 година, треба да овозможи правна рамка со која ќе се регулира научно-истражувачката дејност, модернизација и унапредување на научно-истражувачката дејност, обезбедување квалитет во дејноста и формирање бази на податоци.
Според проф. д-р Катерина Колозова, директорка на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје, треба да се одредат дополнителни параметри и критериуми внатре во академската фела со кои ќе се валоризира нечие достигнување, а не за тоа да бидат задолжени институциите предводени од Законот и списанија со сомнителна релевантност. Таа смета дека поимот импакт фактор и изведен и брендиран, а не е генерирачки, па затоа треба во валоризацијата на научниот труд да се воведе генерирачки термин кој ќе биде поефективен и релевантен.
„Со овој начин на евалуација постои тенденција да се дејствува по инерција, да се амнестираат релевантните лица од носење суд и вреднување, да се допушти тоа на технократски начин: наместо јас, како компетентен учесник, да ја вреднувам академската продукција, ќе треба да го оставам тоа на мерилата на законот и на поимот импакт фактор. Законот не треба да ја определува академската судбина, а на овој начин го прави тоа“, вели Колозова.
„Нашата истражувачка фела со својот транзиционен менталитет ќе наде начин да го преживее законот и да си го плати влезот во базата на Tompson. Можат лесно да го изиграат системот“, смета Колозова.
Овие стандарди за мерење на академскиот успех, според панелистите, треба да се забранат затоа што генерираат квантитативна продукција наместо квалитативна бидејќи истражувачите се обврзани да објавуваа.
Според учесникот во дебатата, Игор Јовановиќ, во Македонија нема доволно расправи за менување и подобрување на законот кој, според него, не е довршен и потребни му се измени затоа што ваков каков што е создава празнина во квалитетот на научните трудови. Еден од поголемите проблеми во научно-истражувачката дејност од сферата на општествените науки во Македонија, според учесниците, е и малата грижа на владините институции за нивните активности и недоволното вложување во нивното едукативно надоградување.
Иако важиме за земја со мала интелектуална фела, според Колозова, немаме генетички хендикеп кој нè прави неспособни за наука, потребни се само механизми и буџет за да се биде дел од меѓународната академска сцена. Што, пак, според присутните на дебатата, е невозможно затоа што, како што велат, Владата изминативе четири години не одвоила ни малку пари за финансирање на научниците од општествените науки за пат и нивен престој на меѓународони симпозиуми.