Повлекувањето на проспектите за денешната аукција на државни хартии од вредност е обид за прикривање на прекршувањата на законските акти направени при нејзиното објавување, смета дополнителниот заменик министер за финасии, Кире Наумов.
„По денешното писмено барање од моја страна за доставување на целокупната документација која претходи на објавувањето на задолжувањето, проспектите мистериозно исчезнаа од веб страната на Министерството за финансии.
Во Р.Македонија и постапката за задолжување на домашниот пазар на хартии од вредност се третира како палома хартија.
Но, и покрај денешното откажување, по приемот на бараната документација ќе ја продолжам постапката пред надлежните органи, поради фактот што и самото повлекување е спроведено надвор од законските прописи. Обидувајќи се да го исправи прекршувањето на постапката за објавување на аукцијата за задолжување, министерот за финансии повторно ги прекрши Законот за јавен долг и Правилникот за начинот и постапката за издавање и исплата на државни хартии од вредност.
Повторно ги повикувам домашните кредитори на крајна претпазливост при секое наредно задолжување. Денешното хаотично однесување и непочитувањето на законските акти, директно ќе се одрази на работата на домашните кредитори, кои пред се работат со средства на клиентите, односно граѓаните. Сите задолжувања кои се без согласност на дополнителниот заменик министер за финансии, дополнително ќе бидат преиспитани од аспект на нивно третирање како законски јавен долг.“, стои во соопштението од Кабинетот на дополнителниот заменик министер за финасии.