Гардијан – Лондон
Кралот Салман бин Абдулазиз (80) ја завршува својата прва година на тронот на богатата и ултраконтроверзна Саудиска Арабија, каде го замени својот брат Абдулах кој по 10 годишното владеење почина во јануари минатата година. Првата година на Салман во улога на крал воедно беше и најтешка за таа земја: пад на цените на нафтата, влијанието на Исламската држава, покренувањето на воена кампања во Јемен, јакнење на архинепријателот Иран и се поострите судири меѓу шиитите и сунитите.
Премногу удари за една деценија, а не пак за една година. Саудиска Арабија, иако е пребогата земја, претрпе огромни финансиски загуби. Секојдневното бомбардирање на Јемен е прескапо, а падот на цената на нафтата, на саудиската економија, го ставија богатото кралство во позиција во која не се наоѓало често, недостиг на пари.
Токму поради ваквата, за нив непозната атмосфера, почнаа шпекулации за наследникот на престолот, за кој веќе на големо се тркаат двајца браќа: принцот престолонаследник Мухамед бин Најеф (56) и принцот Мухамед (30). Првиот е внук на кралот, а вториот му е син.
Бин Најеф е прв во линијата за наследство и моментално ја врши улогата заменик премиер. Од 2012 година се наоѓа и на чело на Министерство за внатрешни работи. Бил голем борец против Ал Каеда, која поради тоа се обиделе да извршат атентат врз него, во кој е полесно повреден.
Иако тој има искуство и предност во наследувањето на тронот, на саудискиот двор кружат гласини дека Салман ќе го игнорира сето тоа и за наследник ќе го именува својот син принцот Мухамед, министер за одбрана и втор вицепремиер. Мухамед, еден од десетте синови на Салман, исто така е и шеф на Надзорната комисија на компанијата „Сауди Арамко‟, најголем светски производител на нафта.
Принцот Мохамед за цело време во чекор го следел својот татко, кој својот омилен син го водел со себе додека се искачувал на хиерархиската скала на Кралската куќа во Саудиска Арабија. Тамошната верска деловна елита набрзо сфатила дека тој кој сака да дојде до таткото мора прво да го контактира синот.
Пресврт
По смртта на својот брат кралот Абдулах (90), Салман бин Абдулазиз почнал до промена на челните луѓе во државата. Само неколку часа по стапувањето на должноста на крал, го поставил својот син Мухамед на местото министер за одбрана. Со Салман на чело, Саудиска Арабија денес е погласна, неспоредлива и веројатно понервозна од што беше порано, го пренесе британскиот весник „Гардијан‟ мислењето на еден западен дипломат сместен во Ријад.
Младиот Мухамед е опишан како паметен, па дури и брилијантен.
– Да, тој е многу паметен, но неговиот проблем е што во рацете има преголема моќ, а премало искуство. Тоа ги загрижува луѓето – изјави за „Гардијан‟ една саудиска професорка на Универзитет.
Уште еден загрижувачки факт поврзан за младиот Мухамед е тоа што тој е еден од највоинствените. Токму тој е заслужен за покренувањето на инвазијата на Јемен, а според ставот на Саудијците, „се со цел за прекинување на ширењето на иранското влијание во Заливот‟. И таа војна наиде на осуда кај Организацијата за човекови права, која Саудиска Арабија ја обвинуваат за убивање на илјадници недолжни цивили.
Покрај тоа, Мухамед благодарение на својата улога во „Сауди Арамко‟ со чија помош и тоа како може да влијае на стопанството на својата земја, покрена реформи со кои планира да ја намали државната потрошувачка и да заштеди пари кои рапидно исчезнуваат со падот на цената на нафтата. Тоа може да биде и негов најголем предизвик, а причината е едноставна: штедење не е збор на кој се навикнати Саудијците. Всушност, тешко и дека го знаат неговото значење.
Кралот е на потег, можна е и абдикција?
Саудијците шпекулираат и дека Салман може дури и да абдицира во корист на својот син, со што би го прескокнал законскиот наследник, внукот Бин Најеф. Впрочем, тоа не би било првпат. Преседан е направен уште лани кога кралот го отстрани својот полубрат Мукрин и го постави токму Бин Најеф за престолонаследник.
– Тоа е како во серијата „Игра на тронови‟. На секој чекор има интриги, подметнувања и расправии. Сепак, на крај на власт секогаш останува династијата Ал Сауд и така е уште од 1932 година, кога го заземале тронот – вели еден ријадски интелектуалец за „Гардијан‟.
Критика? Што е тоа?
Никој во Саудиска Арабија не се осудува јавно да го критикува кралското семејство, иако за такво нешто има многу причини. Сепак, зборот на „опозицијата‟ (иако такво нешто воопшто не постои во Саудиска Арабија) се слуша на Твитер, исклучително популарна мрежа меѓу Саудијците. На Твитер секојдневно можат да се прочитаат разни обвиненија за корупција и измами во дворот.
Анонимноста ја гарантира слободата и безбедноста од погубување, но од друга страна го однесува кредибилитетот, бидејќи на Твитер може да пишува било кој.
Критиките најмногу се однесуваат на расипништвото на кралското семејство, како и за нивните матни бизниси. Еден од тие примери е и изградбата на метрото во Ријад.
– Династијата Ал Сауд е најдобра од најлошите. Помало зло. Сепак, да ги нема, тука веројатно би било како во Јемен – вели еден државен службеник, кој со причина сака да биде анонимен. Да се зборува на глас за кралот во Саудиска Арабија може да биде смртно опасно.
Иако сите истакнуваа дека кралот Салман ќе ја продолжи реформаторската политика на својот брат, се случи целосно спротивното. Критичарите истакнуваат дека рерпесијата во затворената држава е дополнително засилена. Најдобар пример за тоа е погубувањето на 47 луѓе, меѓу кои бил и свештеникот и критичар на сунитската власт Нимр ал Нимр, кој со години се борел за граѓанските, верските и политичките права за три милиони саудиски шиити, кои живеат во источниот дел на земјата пребогат со нафта.
Неговото убиство повторно го интензивираше судирот со архинепријателите од Иран. Целосниот прекин на односите следеше веднаш откако саудиската амбасада во Техеран беше демолирана во знак на одмазда. Болен удар на кралството зададе и најголемиот сојузник САД, кои ги укинаа санкциите кон Иран и тоа по речиси 40 години, поради што Саудијците се чуствуваат предадени, наспроти тоа што американскиот државен секретар Џон Кери повторно истакна дека соработката меѓу двете земји „е посилна од било кога‟.
Суровиот режим кумуваше на создавањето на Исламската држава
Со доаѓањето на Салман на престолот, Саудиска Арабија допре ново дно во (не)почитувањето на човековите права. Неговиот брат Абдулах остана запамтен како реформатор и човек кој на се уште обесправените жени им даде барем колку толку некакви права, иако поради тоа влезе во остар судир со моќните сунитски верски лидери. Сепак, со смртта на Абдулах реформите паднаа во вода. Салман, како човек кој со децении беше на чело на Ријад, воедно беше и многу близок со верските лидери. Така религиските тврди струи дојдоа на чело на верската полиција.
– Иронија е што токму одбивањето на верските лидери да покренат било какви реформи помогна да се создаде ИД – вели за „Гардијан‟ саудискиот бизнисмен Мазен Судаири.
Дека критикувањето на власта може да биде и тоа како опасно најдобро сведочи примерот на блогерот Раиф Бадавија, кој е осуден на затвор и казна со камшикување, но и случајот на палестинскиот поет Ашраф Фајад, кој е осуден на смрт. Пријателите на поетот и критичарите на режимот сметаат дека тој го изгубил животот бидејќи на интернет поставил видео снимка на која верската полиција ги камшикува тие што ги прекршиле законите.
Во секојдневниот живот за Саудијците ни под новиот крал нема големи промени. Така многу од нив и понатаму за викенди одат да се проведат во Дубаи и Бахреин. Причината е едноставна: во Ријад нема ноќни клубови, кина… а конзумацијата на алкохол е мислена именка.