Талибански бунтовник, кој бил инсталиран во редовите на полицијата во немирната јужна авганистанска провинција Урузган, денеска убил десет свои колеги. Ова е втор ваков напад во последните осум дена, пренесоа француските медиуми.
-Осомничениот прво ги издрогирал десетмината свои колеги, а потоа ги убил, додека се уште биле под влијание на наркотикот, изјави Дост Мохамад Најаб, портпаролот на гувернерот на провинцијата Урузган.
Потоа тој им го одзел оружјето и избегал.
-Во моментот е во тек акцијата на негово пронаоѓање, додаде Рахимула Хан, заменик директорот на полицијата во провинцијата.
Талибанците, преку својот портпарол Зибулила Муџахид, ја презедоа одговорноста за нападот.
Нападите од внатрешни луѓе, во кои полицаец или војник го врти своето оружје против своите колеги, се често користен метод на талибанските бунтовници.
Урузган е далечна провинција во јужниот дел на Авганистан, каде талибанците се обидуваат трајно да се утврдат.
Во друг напад од внатрешен човек во истата провинција минатата недела загинаа најмалку девет полицајци.