Советот на обвинители сака да знае какви и колку материјали, од прислушуваните разговори, добила Специјалната обвинителка Јанева од претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на 30 декември и дали за тие материјали бил направен записник, кажа претседателот на Советот, Петар Аневски.
– Нас не интересира бројка, статистика, колку има примено, дали има примено, дали е составен записник или друг некаков факт, дали е тоа потврда за примени предмети итн. Донесовме одлука да се побараат тие податоци и во најкраток можен рок да ни достават податоци. Ова го правиме бидејќи во јавноста се уште има нејаснотии околу примените материјали. Ние сме надлежни од неа да побараме такви податоци, а тоа дека ќе поведеме постапка, кривична пријава, тоа не држи, ние за почеток бараме колку се примени и дали е сочинет записник. Согласно, законот за кривична постапка, кога ќе дојде ден тие да бидат уништени, се прави записник, со присутво на тие и тие лица и мора да знаеме точно колку ќе бидат уништени, рече Аневски.
„Ќе се вчудоневидите од работата на Јанева“, рече во својата изјава за медиумите Аневски, тврдејќи дека обвинителите Лејла Кадриу од ЈО Тетово и Марија Ѓореска од ЈО Скопје, се пожалиле во Советот дека Јанева ги исклучила од работата на СЈО.
– Катица Јанева отстрани два јавни обвинители, без никакво решение и без никаква постапка, едноставно, кажувајќи им дека не се дел од тимот. Двете обвинителки на 20 јануари дојдоа во мојата канцаларија, вознемирени и видно револтирани за начинот на кој што беа избркани од СЈО. Им било речено да ја испразнат канцеларијата и да се сместат кај полицајците, тоа тие не го прифатиле. Вчера добивме писмено известување од СЈО, спротивно на нивното тврдење, дека обвинителките сами побарале да заминат и дека заради намален обем на работа, одлучила да ги отстрани овие два обвинителки. Мислам дека ова не е во ред. Знаете дека пред еден месец се расправавме околу бројот на јавните обвинители, ние кога виквме дека биле многу, па сега излегува дека навистина биле многу, рече Аневски.
За ова Советот за обвинители формирал комисија кој ќе го испита овој случај, која ќе ја предводи јавниот обвинител Сашо Василевски.
На новинарско прашање зошто Јанева денеска не беше поканета, Аневски рече дека токму на денешната седница е донесен заклучок таа да присуствува на следниот состанок и да ја образлжи својата досегашна работа.
Од Специјалното јавно обвинителство потврдија дека нивниот тим сега брои 10 јавни обвинители.
– Точно е, двајца обвнители не се веќе дел од тимот, утврдено е дека доволен број на обвинители за да ја извршуваат работата се 10 обвинители. Бидејќи јавните обвинителства се соочуваат со недостиг на обвинители, ние му испративме писмо и му предложивме на Советот на обвинители, двајца обвинители да ги распредели во јавните обвинителства од каде што доаѓаат или како што ќе одлучи, рече јавната обвинителка Ленче Ристоска за А1он.
Од СЈО, неколку пати потенцираа дека материјалите биле примени и евидентирани според законска процедура и дека согласно законот, Специјалната обвинителка Јанева и нејзиниот тим ќе даде отчет за своето работење во законскиот рок и транспарентно.
А.Б.