Кризата со мигрантите и бегалците во Европа, меѓународниот тероризам и функционирањето на демократските институции во Полска ќе бидат во фокусот на зимската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), што ќе се одржи од денеска до 29 јануари, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Мигранстката криза ќе биде разгледана од аспектот на два извештаи „Средоземното Море: Врата за илегалната миграција“ и „Организираниот криминал и мигрантите“.
Што се однесува до меѓународниот тероризам, парламентарците од земјите-членки на Советот на Европа ќе расправаат за извештаите на тема за „Странските борци во Сирија и Ирак“ и „Борбата против меѓународниот тероризам, со заштита на стандардите и вредностите на Советот на Европа“. На дебатата по овие извештаи најавено е и присуство на францускиот државен секретар за европски прашања Харлем Дезир.
ПССЕ исто така, ќе дебатира и за „Функционирањето на демократските институции во Полска“ и „Заштитата на жените и транскрипцијата на вистините кои вознемируваат“.
Парламентарното собрание денеска ќе ја започне сесијата со избор на свој претседател со мандат од една година и со право на еден реизбор.
Меѓу другите теми вклучени во предлогот на дневниот ред на земиската сесија се наоѓаат уште и извештаите за „Ескалацијата на насилството во Нагорно-Карабах и другите окупирани територии на Азербејџан“, за „Жителите на пограничните региони на Азербејџан намерно лишени од вода“, за ситуацијата во Косово и улогата на Советот на Европа и за зајакнување на заштитата и улогата на активистите за човекови права во земјите-членки на Советот на Европа.
Пратениците, исто така, ќе донесат одлука и за статусот на партнер за демократија при ПССЕ, барање поднесено од страна на Парламентот на Јордан.
Меѓу личноститете кои ќе се обратат на Собранието се претседателот на Бугарија, Росен Плевнелиев, чија земја во овој период претсадава со Советот на Европа.
Во својство на претседавач со Комитетот на министрите на Советот на Европа пред ПССЕ ќе зборува и Даниел Митов, министерот за надворешни работи на Бугарија, додека генералниот секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд, ќе го има своето годишно обраќање.
На зимската сесија на ПССЕ се очекува да допатува и комплетираната делегација на Собрабието на Република Македонија.