Исламска држава се закани дека ќе изврши напади и врз други либиски нафтени објекти откако запали најмалку два нафтени резервоара во близина на градот Рас Лануф.
– Денеска пристаништата Сидра и Рас Лануф, утре пристаништата Марса Брега, а пота Тобрук, Сарир, Џало и Ал Куфра, изјави Абу Абделрахман ал Либи, борец на ИД во видео-снимка објавена на социјалната мрежа за кодирани соопштенија „Телеграм“.
Претходно, ИД запалија два нафтени резервоара на компанијата „Харуџ оил“, што се наоѓаат во близина на Рас Лануф. Нападнат бил ио нафтоводот кој го поврзува наоѓалиштето Амал до терминалот во Сидра. При нападот дошло до судир меѓу џихадистите и обезбедувањето на либиските нафтени објекти, по што напаѓачите се повлекле.
Либија е поделена по падот на режимот на Муамар Гадафи во 2011 година, а политичките и вооружени фракции се борат за власт и за контрола над нафтените наоѓалишта. ИД го зазеде градот Сирт, на околу 200 километри западно од Рас Лануф и Сидра. Двата најголеми терминали во Либија се затворени во 2014 година. Производството на нафта во Либија е намалено за речиси една четвртина од нивото од 1,6 милиони барели дневно, колку што изнесуваше во 2011 година.