Организацијата Анима Мунди предупредува и апелира да не се измачуваат животните за време на Вевчанскиот карневал.
„Би сакале да апелираме до учесниците на Вевчанскиот Карневал (василичари), општина Вевчани и надлежните институции оваа година овој настан да помине БЕЗ насилство врз животните.
Минатогодишниот карневал ја шокираше јавноста со теророт, свирепоста и насилството врз животните при што беа мачени и убивани живи суштества.
Минатата година бевме сведоци на терор, садизам и свирепо насилство над животните.
Можевме да забележиме убиено куче кое беше дел од маската на василичарите. Јазикот на кучето беше исплазен и му се гледаше вилицата, а нозете му беа врзани на два стапа како на ражен и висеше со главата надолу додека маскираните дефилираа низ карневалот. Безмилосниот однос на учесниците кон животните се истури и на кокошките кои беа живи бодени на вили. Овие мртви животни последниот ден од манифестацијата биле фрлени во огнот, каде, според традицијата, на крајот се фрлаат маските.
Која ли траума и мачење е тоа за животните? Која ли траума за посетителите на овој традиционален настан, меѓу кои и многу дечиња? Што сака со овој „маскенбалски чин“ да се постигне и дали е ова дел од традицијата? Како може да се исмејува нечија смрт? Дали е тоа човечно? Зарем ова културен чин кој треба да биде промовиран и поддржан од општина Вевчани и останатите институции?” беа дел од нашите прашања минатата година.
Се надеваме дека поучени од минатата година, годинава, овој настан ќе помине без инциденти и насилство кое беше осудено од сите страни, во спротивно ке бараме исклучување на вевчанскиот карневал од здружението на европските карневалски градови поради промовирање на насилство и терор врз животните“, стои во соопштението од Анима Мунди