Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром е поразен од црногорската екипа Сутјеска со 71:75, во рамки на 19.коло од АБА лигата.
Во неизвесен меч одигран синоќа во СЦ „Јане Сандански“, клучниот момент се случи на две секунди до крајот при резултат 71:73 за гостите од Никшиќ. Тогаш при напад на Дамјан Стојановски (кој заврши со кош, а имаше и фаул врз него) арбитрите неоправдано досудија чекори, па наместо реализација и дополнително слободно фрлање, топката им ја доделија на кошаркарите на Сутјеска. Иако следуваше бурна реакција на кошаркарите на МЗТ, сепак судиското трио остана на одлуката, а гостите се радуваа на седмата победа.
МЗТ на овој натпревар имаше лошата реализација на ударите од игра, пред се за два поени (20 од 51), што им овозможи на противниците постојано да имаат резултатски баланс, за што говори и парцијалниот резултат во првите три четвртини (18:18, 13:13, 20:20), а последната Сутјеска ја доби со 24:20.
Урош Луковиќ со дабл-дабл учинок од 17 поени и 18 скокови беше најистакнатиот поединец во редовите на МЗТ Скопје. Дамјан Стојановски, Марко Луковиќ и Марко Љубичиќ постигнаа по 13, а Ѓорѓе Дреновац 10 поени.
Покрај овој меч вчера се одиграа уште две средби. Во дербито во Загреб, лидерот во АБА лигата, составот на Будуќност убедливо славеше над Цедевита со 81:57, додека во Белград Партизан ја победи Цибона со 85:82.
Претходно, беа одиграни натпреварите, Тајфун – Задар 66:82 и Металац – Крка 83:77.
Колото ќе биде комплетирано денеска со дуелите Олимпија – Црвена звезда и Игокеа – Мега.
Табела: Будуќност 17-2 (победи-порази), Цедевита 15-4, Црвена Звезда 13-5, Мега 12-6, МЗТ Скопје Аеродром 8-11, Цибона 8-11, Крка 8-11, Металац 8-11, Задар 8-11, Партизан 7-12, Сутјеска 7-12, Тајфун 7-12, Олимпија 7-11, и Игокеа 6-12.