Хусеин Деракшан, ирански блогер кој во 2008 година поради своите активности на интернет беше осуден на 20 години затвор, смета дека интернетот на денешницата е подостапен, но и многу малку моќен од тој пред седум или осум години.
„Можеби станувам премногу строг како што стареам. Можеби ова е природна технолошка еволуција. Меѓутоа, не можам да затворам очи пред ова што се случува – пред исчезнувањето на интелектуалната моќ и разновидноста. Порано интернетот беше толку силен и доволно сериозен што поради него завршив во затвор. Сега тоа е само нешто повеќе од забава. Тоа оди до таму што дури ни Иран некои делови, како што е Инстаграм, не го зема за сериозно и не го блокира пристапот‟ – пишува Деракшан (@hod3r) во „Гардијан‟.
Зборувајќи за активностите на интернет, леснотијата на кликањата и анестезирањето на вистинската акција, што не се гледа само во Иран, туку во цел свет, иранскиот блогер вели дека на интернетот денес му треба спас.
„Ми недостасува времето кога луѓето си дозволуваа и одвојуваа време да бидат изложени на поинакви мислења, кога читаа повеќе од еден пасус или 140 карактери. Ми недостасуваат деновите кога можев да напишам нешто на својот блог, да објавам на својот домен, без тоа да потрошам исто толку време на промоција преку социјалните мрежи. Деновите кога на никого не му беше гајле за лајкови и шерови и идеално време за пуштање постови. Тоа е вебот на кој се сеќавам пред затворот. Тоа е вебот кој мораме да го спасиме‟ – наведе Деракшан.
Како што вели тој, наскоро интернетот ќе биде колекција на апликации за мобилни телефони, а не збир на сајтови, додека парите ќе стигнуваат од претплатата, а не од огласувањата – „нешто како пакетите за кабловска телевизија‟.
Човекот кој ненадејно е ослободен кон крајот на 2014 година, вели дека шест години во затвор е долг период, но за дигиталниот свет тоа е цел век.
„Пишувањето не се променило, но читањето, или макар исчитувањето, драстично е поинакво. Ми рекоа дека социјалните мрежи се клучни, па закачив пост на Фејсбук. Постот изгледаше досадно и добив само три лајка. Три!‟ – наведува тој.
Деракшан тогаш сфатил дека се се променило.
„Не сум опремен за игра на нов терен. Се што изградив, целиот труд, се пропадна. Бев уништен. Блоговите беа злато, а блогерите рок ѕвезди кога бев уапсен. Секој ден ме читаа 20.000 луѓе, ме читаа внимателно и оставаа многу релевантни коментари, дури и тие кои ме мразеа. Можев да пофалам и да понижам секого, се чувствував како крал. Iphone беше млад, само една година, паметните телефони се користеа за разговори, пораки, меилови и сурфање. Немаше вистински апликации, секако не вакви, немаше Инстаграм, СнепЧат и ВотсАп. Наместо нив, постоеше вебот, а на веб беа блоговите – најдобро место за алтернативна мисла, вести, анализи. Тоа беше мојот живот‟ – наведе тој.
Како што вели, некогаш суперлинковите беа „монета‟, нешто со што се штитевме од централизација.
„Кога излегов од затвор, сфатив дека хиперлинкот е девалвиран, речиси непотребен. Секоја социјална мрежа ги третира како било кој друг објект, фотографија, текст. Ве охрабруваат да постувате еден линк, да го изложите на квази-демократски процес со лајкување или плусирање или срцување. Но линковите не се објекти, тие се врски меѓу објектите. Ваквата објективизација на линковите им ја уништи нивната голема моќ‟ – смета иранскиот блогер.
Со малку романтичен пристап на целата работа, тој додава дека линковите порано биле „очи‟ на вебот, пат кон неговата душа.
„Слепа страна, страна без линкови, не може да гледа кон друга страна. Тоа има сериозни последици на динамиката и моќта на вебот‟ – смета тој.
Деркашан вели дека главниот противник е „филозофијата на стримот (текот)‟.
„Најголем противник на линкот е филозофијата на текот, која ги комбинира двете најдоминантни и најпрецизни вредности на денешницата – новостите и популарноста. Текот е доминантен начин на конзумирање на информациите. Се помалку корисници ги проверуваат веб страниците, веќе добиваат непрегледен тек на информации кои ги издвојуваат комплексни и таинствени алгоритми… Не ви треба ни пребарувач. Отворете Фејсбук апликација на телефон и тука сте. Планината дошла до вас‟ – наведе тој.
Деркашан доаѓа до клучните работи – лајкувањата.
„Нашиот глас се лајкови, плусеви, срца, ѕвезди. Тие се многу поблискиод слатките аватари и статусот на селбрити луѓето, од суштината на тоа што се пишува и пушта на веб. Најбрилијатниот пасус на некој обичен човек ќе биде занемарен, додека глупи муабети на селебритите веднаш ќе добијат силна позиција на интернет‟ – наведе тој.
Како што вели, порано интернетот беше налик на книгите, простор каде се истражува, сега книгата-интернет стана телевизија-интернет.
„Кога ќе се логирам на Фејсбук, почнува мојата лична ТВ програма. Се што треба да направам е да скролувам…‟ – наведе тој.
Деракшан вели дека централизацијата на обичниот човек му ја одзела моќта во однос на корпорациите и владите.
„Иронично е тоа што државите кои соработуваат со Фејсбук и Твитер, повеќе знаат за граѓаните од Иран, кој со цврста рака држи контрола на интернетот. Она што плаши повеќе од тоа што не гледаат е тоа што не контролираат. Фејсбук некогаш подобро не познава од родителите, а тогаш светот станува предвидлив и за владите и за компаниите. Предвидливоста значи контрола‟ – наведува тој.