Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром претрпеа нов несреќен пораз во регионалната АБА лига.
Во дуел од 17. коло, македонскиот шампион МЗТ попладнево пред својата публика во СЦ „Јане Сандански’’ во Скопје, загуби од екипата на Мега Лекс, во израмнет меч со неизвесна завршница, минимално со 76:77.
Иако Борис Савовиќ со 24 поени беше најефикасниот кошаркар во редовите на српската екипа, сепак, Данило Николиќ беше јунакот на Мега лекс, постигнувајќи ја клучната „тројка“ на 2секунди до крајот, а средбата ја заврши со вкупно 15 постигнати поени.
Кај МЗТ за кој ова беше прв пораз по трите врзани победи, четворица кошаркари постигнаа двоцифрен број на поени. Урош Луковиќ постигна 17, Данило Мијатовиќ беше стрелец на 16, а Марко Луковиќ и Ѓорѓе Дреновац придодадоа по 14 поени.
По овој пораз МЗТ Скопје сега има „скор’’ од 7 победи и 10 порази, и се наоѓа на шестото место на табелата.
Покрај средбата во Скопје, вечерва ќе се игра и мечот Задар – Будуќност.
Последниот натпревар за оваа година во АБА лигата е закажан за утре (од 19 часот) меѓу У.Олимпија и Цибона.
На натпреварите кои веќе се одиграа, беа постигнати овие резултати: Металац – Сутјеска 84:78, Цедевита – Крка 70:60, Тајфун – Црвена звезда 63:73 и Партизан – Игокеа 66:73.
Аеродомци последниот меч од календарската 2015 година ќе го одиграат во среда (30 декември) кога во вечното дерби на домашното првенство гостуваат во салата „Градски парк’’ кај тимот на Работнички.