Фер и демократски парламентарни избори на 24 април идната година, со Европската Унија и САД како гаранти дека тоа ќе биде така, изјави изјави претседателот на ДПА Мендух Тачи на денешната предновогодишна средба со членството и симпатизерите на партијата во Тетово.
Во однос на очекувањата од изборите Тачи посочи дека не очекува тотална промена, но се надева, рече, дека кај Албанците ќе се случи промена, со што ќе има и комплетна промена во начинот на владеење.
– Јас сум добил целосно гаранции и од Брисел и од САД дека изборите ќе бидат фер и коректни што значи дека ако некој се осмели тоа да не се случи овојпат ќе добие пенали, а знаете на кого мислам, изјави меѓу другото Тачи.
Според Тачи, изборите на 24 април идната година ќе бидат и единствената точка што целосно ќе се реализира од договорот во Пржино додека другите, меѓу кои се и нивните барања за разгледување на меѓуетничките односи и преиспитување на Охридскиот рамковен договор до изборите нема да бидат ставени на дневен ред бидејќи, посочи, сите рокови се пробиени.