И покрај фактот што политиката на проширување на ЕУ е меѓу најуспешните политики на европската заедница, извештајот на една од најреномираните тинк-тенк организации кои се занимаваат со европските прашања – Центарот за европски политики од Брисел (ЕПЦ) покажува раст на негативниот став кон проширувањето на ЕУ со земјите од западен Балкан, како резултат на популистичките политики на владите на земјите членки, но и назадувањето на процесите на приближување кон европските критериуми што се случува во некои од земјите како што е Македонија. Ова беше кажано на денешната презентација на истражувањето, едно од ретките кое детално се занимава со перцепцијата и ставовите на политичките и граѓанските елити од 17 држави-членки на ЕУ кон прашањето на зачленувањето на државите од Западен Балкан во ЕУ.
Презентација на извештајот на Центарот за европски политики од Брисел и јавна дебата на тема „Земјите-членки на ЕУ и проширувањето кон Балканот“ се одржа во организација на Фондацијата Отворено општетество – Македонија
– Деновиве во Македонија е важно да се потсетиме кои беа Копенхагенските критериуми, за да може да се реализира проширувањето во западен Балкан и Турција, ЕУ одвојува големи средства од европскиот буџет, кој што го полнат граѓаните на унијата, настрана од буџетите што ги имаат секоја од земјите пооделно. Тој е значителен и изнесува 11, 7 милијарди евра за периодот 2014 – 2020. А Копенхагенските критериуми и процесот на стабилизација и асоцијација кои практично се јадрото на политиката на проширување, не потсетуваат дека ние државите од западен Балкан и Турција, кои сами сме аплицирале, сме се пријавиле дека сакаме да станеме членки на клубот, треба да имаем на ум дека треба да задоволиме некои критериуми за да може да бидеме рамноправни партнери во Унијата.
Во тој контекст, од Советот на министри од 15 декември сериозно подвлекува дека политиката на проширување е една од клучните политики на ЕУ, но дека притоа ќе се инстистира на сериозен, ригорозен принцип на условеност за влез во Унијата и притоа дека секоја од државите ќе напредува во процесот согласно сопствените успеси и заложби. И како никогаш досега, барем за Македонија, Советот донесе голем број заклучоци, кои треба да не потсетат што е тоа за што треба во иднина да водиме сметка, рече Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Истражувањето на Центарот за европски политики се правело во 17 земји членки на ЕУ, од страна на 22 експерти кои направиле анализа на политиките на овие земји кон проширувањето. Забележлива е национализацијата на овие политики во рамки на државите кои го блокираат процесот на проширување.
Корина Стратулат од Центарот за европски политики од Брисел, рече дека истражувањето покажало ќе биде потребно многу повеќе да се стане членка на ЕУ. „Довербата мора повторно да се изгради“, рече таа, наспроти евроскептицизмот и наспроти проблемите што ги има Унијата и со бегалската криза и со тероризмот.
– Она што може да помогне се резултатите. Балканските земји мора да покажат резултати. Процесот на реформи мора да биде јасно направен, рече Стратулат.
На дебатата стана збор и за регионалните проблеми како што е проблемот меѓу Србија и Косово и прашањето на името меѓу Македонија и Грција. Овие спорови би можеле да се решат во рамки на процесот на проширувањето, беше речено на денешната дебата.
Според Јоанис Армаколас од „ELIAMEP“ и Универзитет Македонија во Солун, проблемот со името меѓу Грција и Македонија не било во фокусот на германската официјална политика, заради разнишаните односи меѓу Германија и Грција.
– Американците се малку позаинтересирани за спорот со името, Грција беше скептична за улогата на Комисијата во решавањето на спорот со името и се жали дека Комисијата повеќе ги поддржува земјите кандидати, отколку земјите членки. Главната причина е што Германците не сакаат да го дискутираат прашањето со името, што можеби се должи голема тензија во односите помеѓу Грција и Германија. Заради економската криза, рече Армаколас.
Според Бојан Маричиќ од МЦЕО, потребна е поголема политичка волја од сите страни во процесот на проширувањето, а добрата вест дека сите препотраки се во насока на поткрепа на политиките на Европската комисија за проширување. Но Берлинскиот процес имал и свои негативни страни.
– Недостасува повеќе содржина повеќе ги отвара темите а помалку нуди репшенија. Потребно е вклучување на повеќе чинители тоа се грашанско општество, медиуми, бизнис фактори, синдикати итн. Тие треба да добијат повеќе значење, затоа што не се интегрираат само владите во ЕУ туку целите општества и држави и конечно е потребна повеќе политичка волја од сите страни, рече Маричиќ.
Дебата ја модерираше Срѓан Цвијиќ од Фондациите Отворено општество од Брисел
А.Б.