Планинарскиот спортски клуб (ПСК) „Пелистер“ денеска ги почна свечените активности посветени на големиот јубилеј – 80 години од денот на формирањето, 31 декември 1935 година.
Планинарскиот спортски клуб е формиран на иницијатива на битолчанецот Борис Алтипармак кој воедно и го регистрирал првото национално македонско планинарско друштво „Пелагонија“, а денеска како негов континуитет е ПСК „Пелистер“, истакна Димче Попов, претседател на клубот.
– Ние сме еден од најтрофејните планинарски, но и спортски клубови во Битола. Во овој момент имаме над 100 членови на различна возраст кои секогаш се гордеат и го споменуваат успехот на нашиот поранешен член и првиот македонец што го освои Монт Еверест, Димитар Илиевски-Мурато. Интересот за планинарење е голем, соработуваме со сите планинарски клубови од државата, но и од странство кои во најголем број се собираат токму на планинарскиот марш посветен на Мурато, истакна Попов.
На денешната прес-конференција во Битола беше претставена и публикацијата „Од Пелагонија до Пелистер“ чиј уредник е новинарот Симе Алушевски, воедно планинар рекереативец.
– Брошурата е малечка по обем, но е значајна затоа што трга од заборав одредено време, ги експонира основачите на друштвото од далечната 1935 година. Тогаш членувале околу 300 планинари кои организирале ски натпревари во таење од 18 часа што претставува подвиг, рече Алушевски.
ПСК „Пелистер“-Битола деновиве од Федерацијата на планинарски спортови по повод Светскиот ден на планината ја доби престижната награда „Даре Џамбаз“ за посебен придонес во планинарството.