За прв пат од формирањето на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето денеска се одржа мирна седница без навреди и дофрлувања. Пратениците од власта и опозицијата се договорија за работните групи кои во наредниот период ќе ги посетатат институциите кои работат на прислушувањето од различни аспекти.
Членовите на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ покажаа волја да соработуваат, а претседателот, Петре Шилегов од СДСМ, рече дека пратеничката група се однесува лицемерно.
– ВМРО-ДПМНЕ покажаа денеска дека имаат две лица, едно кога треба да се зборува за технички работи, а друго кога се зборува за сведочење на нивните функционери, па одбиваат да се појават или ги затвораат седниците. Апелирам таквата наводна кооперативност да се преслика на вториот посуштински дел од работата. Повикувам функционерите на ВМРО-ДПМНЕ да не се кријат од јавноста – порача Шилегов.
На денешната седница Комисијата едногласно ги изгласа заклучоците кои предвидуваат формирање на две работни групи. Половина од членовите на Комисијата ќе ги посетат: Царинска управа, МВР, УБК, Агенцијата за разузнавање и мобилните оператори. Втората група ќе изврши посета во обвинителствата и судовите.
Меѓу обвинителствата ќе биде и специјалното јавно обвинителство на Катица Јанева. Како што рече Шилегов пратениците таму ќе побараат увид во активните предмети и во преземените дејствија.
Комисијата до понеделник ќе испрати барање до институциите да им биде одреден термин кога ќе можат да ги посетат. Посетата треба да се реализира од 22-ри до 24-ти декември.
Утре членовите треба да предложат нова листа на сведоци кои ќе бидат сослушувани во вториот круг. Опозицијата најави дека ќе го повика својот партиски лидер, Зоран Заев и дека седницата ќе биде отворена за јавноста.
За утре е закажано и сведочењето на министерот за финансии, Зоран Ставревски. Од ВМРО-ДПМНЕ претходно најавија дека ќе бараат затворени седници за сите нивни функционери.
Маја Васева