Во Клубот на пратениците во тек е средбата меѓу лидерите на политичките партии која започна нешто по 15.30 часот со пристигнувањето на премиерот, Никола Груевски кој дојде последен. Од страната на ВМРО-ДПМНЕ на средбата ќе присуствува и министерот за здравство, Никола Тодоров. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев пристигна во придружба Радмила Шекеринска.
На денешната средба ќе се разговара за реформите во медиумската сфера, како и експертите кои треба да го комплетираат составот на ДИК. Овие прашања веќе неколку пати ги пробија предвидените рокови со што во континуитет се одложува имплементацијата на договорот од Пржино.
Според некои информации предмет на преговорите ќе биде и оставката на премиерот која, според договорот, треба деновиве да биде депонирана.
Пред лидерите на најголемите партии, пристигнаа лидерите на албанскиот политички блок, Али Ахмети и Мендух Тачи.
Прв во Клубот на пратеници се појави олеснувачот на преговорите, Питер Ванхауте. По него пристигнаа амбасадорите на САД и ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав.