Колку морбиден наслов, за жал. Но, не е далеку од вистината , не знам дали воопшто некој сака и ќе сака јавно да проговори за оваа состојба во Скопје, а и во другите градови каде народот веќе се труе. Труеле во гасни комори многу народ така што и ние сме во таа гасна комора во сопствениот град.
Еве јас како лекар ќе проговорам баш зашто сите имаме семејства , деца, а и ние самите треба да знаеме што ни се случува, а никој нема слух ниту желба да го реши овој проблем. Поготово не луѓето кои се на одговорните позиции во оваа наша држава. Тие си се грижат за сопствената кожа која сега гледајќи од друг агол веќе им е набрана на шило, не ги интересираат обичните смртници.
PM10 (μg/m3) 24час. Просек -501 – 600 – Класификација ОПАСНО!!! Значи да објаснам ова е број на најканцерогените честички во воздухот. По светската здравствена класификација ние сме најзагадениот град заедно со уште неколку други градови во Македонија . А знаеме дека дури веќе цифрите одат и над 840 ПМ10 . Ужас кој што предизвикува сите ние да развиеме алергија, белодробно воспаление , астма и дури и најлошото, канцер. Па, добро народе мој дали знаете што дишеме ? Претходно им беа виновни загадувачите индустриски, ги уништија сите индустрии , им беа виновни возилата , дозволија увоз и на побатал возила само да се земаат пари, им беа виновни луѓето, ги осиромашија и сега тие истите користат секаков вид огревни материјали само да преживееат и очигледно како тргнале ќе направат сите да не нема па да не се загадува ништо е дури тогаш, како и сега, ќе молчат повторно и нема да се огласат.
Гледам се изнасликаа и ја отворија новата белодробна болница во Козле , секоја чест, таман сеа ќе создадат толку многу пациенти за да болницата работи со полн капацитет. Морбидни моменти колку сакаш. Се работи за здравјето на нашите најмили , за здравјето на деца, за нашата иднина. Процентот на белодробно заболени и деца со алергии и астма веќе бележи рекорди.
Хроничните пациенти ги наполнија ординациите и клиниките. Секнете го носот, измијте го лицето и ќе видите што дишеме. Дали се прашувам дали ќе се бара одговорност од некој за оваа состојба ? Требаше да се мисли и кога почнаа градителските историски потфати на историското Скопје 2014… дали некој пресмета што значи сето тоа или цифрите од заработките им беа во глава, а не дали народот ќе страда или дури е во гасна комора и се гуши, ќе има преубав поглед и нема да му е битно што се труе и полека се убива? Ќе кажам дека неконтролираното градење постојано предизвикува додатно загадување и еден ден по многу илјадници години кога ќе го откопуваат Скопје ќе се зачудат и ќе речат еве ја колевката на цивилизацијата од милион стилови ,ах би се насмеал цинично, бидејќи работата не ни е за смеење. Сите стручни лица се ставени под чизмата на режимот и никој не се огласува, а ние лекарите повторно и повторно си ја вршиме нашата работа и повторно повторно молчиме . Никој не крена глас дури и да се изјасни за овој проблем стручно па и за прскањето за кое не ни знаеме таа хемикалија што предизвикува, не беше направено ниту јавно објавување до стручните служби ниту да народот знае што е позитивното, а што негативното од тоа “спасително стручно“ прскање.
Една ластовичка не ја чини пролетта. Сам сум ,моето укажување е само еден зрак во загаденото поклопеното и отровно време. Заслужуваме сите ние барем слободен воздух да дишеме ако сме свесни дека слободата во се ни е одземена , дури ни медиумите кои се под контрола гнасна, режимска контрола не кажуваат за опасноста, а ни перат мозок со некакви си лажни инвестиции и со тоа “Што бил било кога би било“ а нема ни да биде бидејќи сеуште сме лажени и повторно не сфаќаме што ни се случува така полека и во Гаснава Комора им се остваруваат целите да не загушат и замолчат. Знаете што ние лекарите пак ќе продолжиме под бичот на некој да молчиме и да лекуваме тоа што ни се затекнало без да ги кажеме причините и да објасниме на народецов од каде е изворот на сето тоа, но времето ќе суди не само нам, туку и на нашите поколенија и ќе се доведеме до стадиумот да дури под тој притисок ја оправдаме ГАСНАВА КОМОРА.Зошто? И онака сме веќе на дното, од што повеќе да стравуваме?
Ќе ја завршам колумнава со АПЕЛ да се разбудат барем тие малку останатите умни глави и да кренат глас за да се најде спас за нашиов напатен и отруен по секаков начин народец.
Д-р. Ангелчо Андоновски