Нож во срце за секој Mакедонец

Од:

Кога правниците сакаат метафорично да се изразат, за да опишат некоја неправедна судска одлука, во која невин човек е неправилно осуден, речиси секогаш се користат со изразот „кафкијански процес“, според романот на чешкиот писател со еврејско потекло Франц Кафка „Процес“. Оваа фраза толку е одомаќена во секојдневниот говор, така што и оние граѓани кои ја немаат прочитано книгата, сепак, правилно ја употребуваат, интуитивно препознавајќи дека таа се однесува на ситуација кога судот не суди правда. Во што е универзалноста на романот на Кафка, за да може така раширено да се споменува еден век од неговото објавување и да е така податлив при илустрирањето на судските неправди? Во својот роман, Кафка, критички се фокусира на државниот бирократски апарат, кој, наместо да е во функција на граѓанинот, со својата ригидност и стерилност се претвора во монструм, кој за да ја оправда формата за своето постоење (законот мора да се почитува), со бизарна одлука ја губи суштината зошто е тука (да е сервис на граѓаните). Иако, времето кога го пишувал Кафка „Процес“, се совпаѓало со одумирањето на Австро-унгарското царство, наоѓајќи инспирација во неефикасноста на неговиот државен апарат, сепак, актуелноста на книгата е севременска, особено за држави како нашата.

Главниот лик во романот, Јозеф К., е опишан како тивок, скромен, повлечен и совесен банкарски службеник, кој како лојален граѓанин никогаш во животот не дошол во судир со законот. На неговиот триесетти роденден, тој е уапсен и приведен од непознати агенти. Сепак, тој не е приведен во затвор и набргу е пуштен, така што и понатака продолжува да ја работи секојдневната работа, но со сознание дека против него се води истражна постапка, односно судски процес. Јозеф К. мирно го прифаќа сознанието дека е уапсен на необичен начин, не се спротиставува на тоа, иако не му е јасна неговата вина. Процесот се одвива така, што се добива впечаток како да е тоа нормален тек на животот: Јозеф К. наоѓа адвокат како бранител, присуствува на истражната постапка, се обидува да им се доближи на судиите, а за сето време, со привид дека сѐ е најрегуларно, си ја работи и својата работа во банката. Со тек на време, Јозеф К., без да сака, почнува да се чувствува виновен, иако кај него не постои објективна вина. Покренат од непознати причини и воден на необичен начин, процесот, иако не ја докажал Јозефовата вина, се завршува со негова казна.

И самиот опис на извршувањето на пресудата, која не е изречена, е многу необичен. Во некој каменолом, два господина со цилиндри го положуваат Јозеф К. на камен, при што едниот транспаретно му го подава остриот касапски нож на другиот, како да очекуваат Јозеф К. самиот да го земе и да ја изврши пресудата над себе. Тие како да сакаат да бидат ослободени од вината за неговата смрт, но и сакаат формата важна за бирократскиот апарат да биде исполнета – тој да биде убиен, со што и предметот конечно би се затворил. Иако е соучесник во својата смрт, сепак, Јозеф К. не може да ја прифати и оваа должност – на власта да ѝ ја одземе обврската да го погубат. Гркланот на Јозеф К. почнуваат силно да го стегаат рацете на едниот господин со цилиндер, додека другиот силно му го зарива ножот длабоко во срце и така забиен двапати го завртува. Додека очите му се гаснат, Јозеф К. ги изговорува последните свои зборови: „Како куче!“.

Вина без вина, пресуда без вина, казна без вина, колку блиско и „наше“ звучи кога ќе се спореди судскиот и бирократскиот однос на нашата држава кон граѓаните со главниот мотив на Франц Кафка да го напише „Процес“. И тоа од најбанални и тривијални ситуации, до тажни човечки судбини, во кои се уништуваат нечии животи, се растураат семејства, се загрозуваат егзистенции.

Така, сосема ненадејно, животната рутина може да ви ја наруши и само една сметка за вода која редовно ви доаѓа да ја платите секој месец. (Како илустрација, следи пример, базиран на лично искуство на авторот на колумнава). Одеднаш, она што со месеци и години сте го плаќале во износ помеѓу 1000 и 1200 денари, без никакво објаснување, сте приморани да го платите 10-кратно повеќе, цели 13.000 денари. Јасно ви е и на вас и на надлежните дека станува збор за грешка, но како таа да се исправи од еден ригидно воспоставен и дехуманизиран бирократско-компјутеризиран систем, кој цинично во фактурата ве подучува дека сумата морате да ја платите, а потоа имате право да ја обжалите(?!). Здравата логика ви вели, ако оној банкарски компјутер во Германија можел по грешка да му уплати на клиентот двесте милиони евра, зошто компјутерот на Водовод и канализија не би можел да додаде една нула на вашиот долг? Потрагата по вистина и докажувањето дека не сте виновни е трнлива и апсурдна исто колку и маката на Јозеф К. во „Процес“. Сами против бирократскиот апарат сте беспомошни бидејќи немате со кого рационално и логично да разговарате и да укажете дека се во грешка, иако во приватен и необврзувачки разговор и самите тие бирократи ќе ви признаат дека сте во прави. Но, во формалниот однос со клиентот, не постои можност за признавање на сопствената грешка – плати, па жали се, фактурата е како Библија, точна, исправна и непроменлива. На упатената писмена жалба дека не е можно со месеци и години да добивате еден износ, за еден месец тој да биде десеткратно повисок и повторно наредниот месец да се намали за десет пати, добивате правно-бирократска формулација која не ја разбирате: „Во периодот кога не е читан водомерот, фактурирањето се вршело по 20м3 зимскиот период и по 23м3 за летниот период, што соодветствува на претходната потрошувачка“. Иако не ви е јасно што тоа точно значи, веќе почувате да се колебате дека можеби тие се во право и дека треба да ја платите сметката. Иако не сте барале, во одговорот добивате и великодушна понуда долгот да го платите на повеќе рати. Повторно се обраќате со жалба дека не ви е јасна методологијата според која ви го пресметале долгот и барате јасно да ви се објасни и да ви се наведе на кој член од законот се потпира таквиот начин на пресметување. Добивате појаснување дека три години и четири месеци вашиот водомер не бил читан од надлежно лице, за кој период ви било фактурирано секој месец по 20м3 во зимски период и 23м3 во летен период. После три години и четири месеци, кога контролорот ве посетил и ја утврдил моменталната фактичка состојба на водомерот, од неа се одземала онаа состојба од пред три години и четири месеци и сега ви доаѓа за наплата таа разлика. Иако не е точно дека контролорот не ви дошол во контрола за целиот тој период – напротив, ве посетил најмалку 5-6 пати, но поради негова немарност не ги ажурирал податоците, сега сте должни двојно да платите за една иста услуга: за целиот период еднаш сте плаќале секој месец како паушален износ, а по втор пат ви се бара да ја платите реално потрошената вода, како реална разлика. И повторно во одговорот нема наведено кој е членот од законот според кој работи Водовод и канализација и им ја овозможува ваквата методологија на пресметка, но затоа, повторно без да барате, великодушно ви одобруваат, овој пат, 20 посто намалување на износот, само да го платите. Како да сте на пазар или, уште поапсурдно – ве третираат како да сте Јозеф К. – знаат дека не сте виновни, но ајде, со одредени привилегии, прифатете си ја вината и платете го непостоечкиот долг за конечно да се затвори предметот.

Дали можат да разберат граѓаните со ваква незаконска методологијана за пресметка каква злоупотреба врз секој од нив може да изврши Водовод и канализација?! Со изјава на рака напишана, од нивниот контролор, дека во период од 1, 2, 3 или повеќе години тој не бил во можност да изврши проверка на вашиот водомер, вие сте должни да ја платите сета потрошена вода од неговото претходно доаѓање, иако за целиот тој период месечно ви била наплаќана потрошена вода според паушална проценка. Бадијала што вие ќе тврдите дека контролорот ви бил повеќе пати и сте му овозможиле да изврши увид на водомерот, кога тој никаква писмена потврда или потпис на формулар не ви оставил за неговата посета. Паралелно добивате предупредување дека водата ќе ви биде исклучена, сметката отужена, а извршители ќе ви дојдат за присилна наплата со што ќе бидете принудени да ги платите и судските трошоци, трошоците за извршителот, банкарските провизии, каматата за неплатената сметка. Одеднаш станувате свестен дека сте должен над 20.000 денари иако знаете дека никаков прекршок не сте направиле, а веќе си имате работа со суд, извршители, банка, а можеби и полиција. Нервоза почнува да ескалира и во семејството – домашните почнуваат да ви вршат притисок да ја платите сметката (по принципот, нека идат у мајчину, кој искочил на крај со држава, па нема ни ти!?), а вас инаетот не ви дава да признаете дека сте виновен кога сте силно убедени дека не сте.

Ова е само банален пример низ какво секојдневие поминуваа граѓаните последните неколку години под репресиите на оваа власт, за да тие стигнат до зададената сума од 11 милиони евра за да се изгради новата барокна зграда на Водовод и канализација. Но што е со посериозните опресии кои го демнеа секој од нас? Создадената психоза на страв дека секој може да биде обвинет дека е виновен, да се стави во притвор, па од таму, како знае и умее, да ја докажува својата невиност потполно наликува на темната атмосфера која провејува во целиот роман на Кафка. Пресумција на вина беше отровната стрела која власта на Груевски ја имаше упатено кон секој свој граѓанин, а за сите овие години само прашање на зла судбина беше кого ќе го погоди: еднаш тоа беше Бошковски, друг пат Рамковски и ќерка му, трет пат Шиповиќ, четврти пат Заев, петти пат Верушевски, шестти пат Душко млекарот и татко му… Стави го во притвор, па и да не е виновен ќе научи во иднина да не нѝ се спротивставува, е барањето кое власта му го кажувала како инструкција на Јавниот обвинител, кога го строела во кабинетите, како слушнавме од Бомбите. Потоа, стравот кај обичните граѓани се ширел според ефектот на пеперутката – кога видни поединци можат да настрадаат, што остана за нас обичните смрттници за кои никој не би се ни побунил да реагира, а камо ли да протестира.

Дали моделот според кој го опишува Кафка својот јунак Јозеф К., е и идеално-типскиот модел за обичниот, типичен и просечен, Македонец(?): совесен и лојален, човек без амбиции, скромен, повлечен, уплашен, во некои ситуации речиси полтронски расположен кон претпоставените, бирократијата и власта. Дали е тоа лик на безбоен човек, потонат во ситните навики и рутина на секојдневието, без сила утврдениот ред на секојдневната монотонија во било што да го измени? Додуша, во текот на процесот, Јозеф К. го обзема револт против невидливиот механизам кој сѐ повеќе го притиска, но тој револт никогаш не се претвора во акција, бидејќи суштината на заплашениот човек е дека тој е свесен за својата беспомошност. Исто како и Македонецот – цело време мрмори незадоволно, но никогаш ништо не превзема за тоа да се промени, одишка наоѓајќи дека и на другите им е исто, па молчат. Свестен за тоа, управувачкиот систем на оние од горе (бирократскиот апарат/власта), создава кај обичниот човек убедување за немоќ и отуѓеност, а доколку поединецот би се обидел да се побуни против утврдениот поредок, власта вешто би ги користила своите институции и судството и во форма на „велепредавнички процеси“, со специфични методи, би ја парализирала волјата на обвинетиот, доведувајќи го преку бесконечниот процес, до сопствено убедување дека е виновен. Така беше во случајот со Јозеф К. Страшна работа кога човек ќе свати дека за сите овие години од власта на груевизмот и сите ние бевме помалку или повеќе Јозеф К.: иако не завршувавме ’како куче’, сепак живеевме кучешки, среќни што ’ножот во срце’ власта му го забила на некој друг и злото му се случило на некој друг.

Германскиот филозоф и социолог, Теодор Адорно, ја нагласува главната карактеристика на делото на Кафка, „Процес“, а таа е дека романот е плодно тло за интерпретација на читателот да секоја реченица може да ја толкува на свој начин, при што читателот се запрашува од каде му е позната ситуацијата, читајќи како да поминува низ некое сопствено déjà vu. И навистина, дели има некој Македонец, кој не ѝ припаѓал на врхушката на власт, кој не би можел за себеси да рече дека сето она што го прочитал во „Процес“ не му е веќе видено и познато од неговиот микро свет и дека за сите овие години тортура од власта и тој самиот не бил еден од милионите останати Јозеф К., кој уплашен само чекал да му тропнат на врата и го прогласат за виновен без вина!? Како времето сѐ повеќе ќе одминува, и сѐ повеќе временски ќе се оддалечуваме од ова кучешко време на нашите животи, така сѐ повеќе ќе се прашуваме, но и срамиме самите од себеси како сме можеле да дозволиме, после четврт век демократија, да се создаде општествена атмосфера во која со страв и со шепот во најинтимни домашни разговори ќе ги спомнуваме имињата на Груевски и Мијалков, плашејќи се дека критиката на нивните лик и дело може да нѐ однесе во притвор од каде никој не би нѐ извадил. Ова е наш генерациски срам пред идните поколенија што доброволно дозволивме да живееме во еден таков параноичен систем на страв и репресија.

Д-р Ненад Живановски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска