ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција го осуди, како што беше наведено, денешниот срамен обид на претседателот на СДСМ Зоран Заев и на СДСМ да ја укинат слободата на говор прогласувајќи ги медиумите за непријатели.
– Го осудуваме обидот на Заев и СДСМ да ја укинат и слободата на деловно одлучување со закани и предупредувања кон банките кои учествуваа во аукцијата на државните записи, изјави пратеникот Александар Николоски.
ВМРО-ДПМНЕ побара Заев и СДСМ да ги остават банките и медиумите на мира и да престанат со заканите кон секој што не ја дели нивната визија за Македонија која, според Николоски, може да се сублимира во еден збор – деструктивност.
Заев и СДСМ, како што рече тој, денеска манифестирале невидена дрскост и деструктивност, немање основен демократски и плуралистички капацитет. Тие, според Николоски, се обидоа да ги казнат земјоделците, пензионерите, социјалните случаи и другите категории на граѓани преку директно мешање во деловната политика на банките.
– Тие им се заканија на банките дека мора да го следат диктатот од Бихаќка бидејќи партијата имала во иднина и други механизми како да влијае врз нивното работење. СДСМ функционира единствено со максимата „колку полошо за државата и граѓаните, толку подобро за СДСМ“, рече Николоски.
Македонија, како што истакна тој, е четврта најниско задолжена земја во Европа и пред изборот на техничкиот заменик – министер во Министерството за финансии од СДСМ не постоеја никакви проблеми при исплатата на обврските на државата кон сите групи на граѓани.
Николоски смета дека Заев и СДСМ денеска ги открија намерите за Законот за медиуми и оти посочија оти медиумите биле нивни непријатели и затоа партијата одлучила дека треба да се пресмета со нив.
– Заев и СДСМ имаат уште само 144 дена да се скараат со целиот свет и со самите себе, како што се скараа со банките, медиумите и уште многу други институции, домашни и светски, рече Николоски. На 24 април деструктивноста на СДСМ ќе биде казнета.
