Државната изборна комисија е зачудена од критиките и обвинѕвањата на Владата, за бавност и непосветеност за прочистување на изборачкиот список.
Претседателот, Борис Кондарко, рече дека во Република Македонија ниту една државна комисија досега нема превземено вакви активности за проверка на Избирачкиот список и тоа во услови кога не е спроведен пописот во земјата, што беше и еден од главните услови во забелешките на ОБСЕ/ОДИХР од Извештајот за напредокот. На прочистувањето на списокот работи работна група формирана од Владата во која партиципираат надлежните министерства, Секретаријатот за европски прашања, ОБСЕ, ЕУ, Амбасадата на САД,Граѓанската асоцијација МОСТ, и политичките партии. Предмет на прочистување се починатите лица и оние кои се иселени од земјата.
„ДИК иако е колективен орган во кое мнозинство имаат партиите на власта, сепак не само меѓу сите свои членови туку и во рамките на целата работна група, досега обезбеди консензус и единство, пред се од страна на политичките партии што е предуслов за елиминирање на сите евентуални сомнежи во работата“, рече Кондарко.
Проверките, вели Кондарко, ги прави Управата за водење на матични книги и Државниот завод за статистика, а МВР ги доставува податоците.
„ Зачудуваат наодите во соопштението бидејќи досега немало ниту една забелешка од политичките партии, меѓународните претставници или невладините организации на работата на ДИК, ниту на работната група, изјави претседателот Кондарко.
Околу 139 илјади државјани на Република Македонија вклучувајќи ги оние кои не се во државата, немаат извадено биометриски лични документи.
Овој податок, рече Кондарко е заклучно со 30 септември оваа година.
Според податоците што ДИК ги добила од МВР, 107.053 граѓани кои живеат во земјава немаат извадено биометриски лични документи. Овие лица, според најавите на Кондарко и Бедредин Ибраими од ДИК, кој претседава со работната група ќе се проверуваат најверојатно теренски. Од ДИК очекуваат Владата да одобри средства за теренска проверка на овие лица. Најмногу лица без важечки лични документи меѓу 13 и 14 илјади се од општина Битола. Договорено е да се отпочне кампања за информирање на лицата кои немаат вакви документи да извадат, бидејќи нема да можат да гласаат.
Кондарко рече дека овие лица нема да можат да бидат ставени во избирачкиот список, ниту пак да гласаат.
„ДИК без консензус со цел елиминирање на какви било сомнежи и обвинувања нема да превзема активности за да се обезбеди клима за фер и демократски избори“, изјави претседателот на ДИК.
Ибраими рече дека рокот за прочистување на Избирачкиот список е запазен. Тврди дека Министерството за финансии не дава одобрение за вработување на уште неколку лица во секторот за ажурирање на Избирачкиот список. Поради, според него, зголемување на бројот на гласачи и цензусот во некои избирачки единици, треба да се пристапи кон прекројување на избирачките единици. Разликата во бројот на гласачи во шестата и во третата изборна единица е 32.901 избирач.
Кондарко вели дека веројатно ќе треба да дојде до прекројување на избирачките единици