Висок полициски функционер, генерал Тито Карнавиан изјави дека опасноста од исламските радикали во Индонезија е се поголема и дека ограноци на групите што добиваат инструкции и финансии од Исламската Држава во Ирак и Сирија веќе се реална закана, дури и за главниот град Џакарта. Радикалните исламистички групи кои делуваат во предградијата на Џакарта и на островите Сулавеси и Калимантан веќе имаат илјадници членови, а стотиците уапсени не биле повод групите да се растурат.
Полицискиот генерал Карнавиан изјави дека пред неколку дена, на средба со колеги од соседството им соопштил дека бројот на припадниците на радикални и терористички групи во Сингапур, Малезија и на Филипините се вкупно десетина пати помали во споредба со бројките што се откриени во Индонезија.
До сега во јавноста во Индонезија се шпекулираше со бројка од околу 500 Индонежани кои се борат во Ирак и Сирија, но сега веќе се шпекулира со неколку пати поголеми бројки. И за Индонезија, најопасни се тие што се вратиле од боиштата и со нудење на големи суми пари агитираат за омасовување на нивното движење.
Околу претседателската палата и Парламентот во Џакарта има видливо засилено полициско-воено обезбедување. Причина е 9 минутна видео порака, објавена на социјалните мрежи, со која се навестува напад на овие институции, но и на повеќе елитни хотели во главниот град.
Гувернерот на Џакарта апелираше граѓаните да соработуваат со полицијата и да пријавуваат сомнителни лица или нивно собирање. Властите во Џакарта пред неколку дена ја промовираа апликацијата за мобилни телефони која овозможува граѓаните да пријавуваат сомнителни настани поврзани со можни терористички напади.