Според пишувањата на италијанскиот спортски дневник „Ла Газета дело спорт“, францускиот фудбалски вицешампион ПСЖ е спремен да му понуди 100 милиони евра на Реал Мадрид за португалскиот напаѓач Кристијано Роналдо, како и тоа дека челниците на овие клубови веќе се сретнале за да разговараат на таа тема, а се споменува и преминување на Жозе Мурињо, тренерот на Реал, во ПСЖ.
Наводниот состанок го организирал Хорхе Мендес, менаџерот на Кристијано Роналдо и Мурињо.
Клубот од главниот француски град, кој е финансиран од катарскиот шеик Насер Ал-Хелаифи, е спремен да ги прифати финансиските услови на Кристијано Роналдо, кој бара годишна плата од 18 милиони евра, што е за четири милиони повеќе од она што му го нуди Реал, а со тоа Португалецот би бил најплатениот играч во ПСЖ бидејќи Златан Ибрахимовиќ има примања од 14,5 милиони евра годишно.
Што се однесува до Мурињо, „Газета“ пишува дека неговото заминување во Париз зависи од Роналдо.
За да го наговори Реал на продажба на Роналдо и Мурињо, Мендес на располагање го има неверојатниот колумбиски напаѓач Радамел Фалкао, сегашен член на Атлетико, кому исто така му е менаџер, а кој би можело да премине во Реал за оштета од 70 милиони евра.