ВИДЕО: Анкетна не може да проработи, пратениците не сакаат да се усогласат околу деловникот

Од:

Час и половина членовите на Анкетна комисија денеска расправаа за првиот член од Деловникот и не успеаја да се договорат, по што беше побарана пауза од 15 минути. Во расправата по првиот член бараа збор и реплицираа членовите од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, додека останатите членови реагираа дека седницата непотребно се одолговлекува со цел да се одложува работата на Комисијата.

-Како да не сакате да се помести расправата од првичното ниво. Ако 33 члена ги работиме по половина час, на оваа Комисија ќе и треба една недела за Деловникот, пред да за почне со работа. Мислев дека сте се договориле, а работата е на самиот почеток. Ако ви е целта оваа Комисија да не работи, кажете ни на што сме. Јас се сомневам дека ќе дојде до било какво решение – рече независната пратеничка Роза Топузова Каревска.

-Два дена дебатирате за Деловникот, а за жал не сме започнале расправа за првата буква. Ако вака продолжите, ова ќе нема крај. Многу е важно Анкетната комисија да почне со работа за да ги отвориме важните прашања и да дојдеме до утврдување на политичка одговорност за тие што го прекршија законот – рече членот на Комисијата од ДУИ.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараат во првиот член од Деловникот да се внесе дека Комисијата ќе работи по Законот за внатрешни работи и подзаконските акти, Законот за класифицирани информации и Законот за следење на комуникациите. Ова е нон-сенс за пратениците од СДСМ и тие предложија членот да се измени во насока дека Комисијата ќе работи согласно позитивните законски прописи и Уставот.

-Предлагам во првиот член од Деловникот да се допише дека Комисијата ќе работи согласно Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, за членовите да ги почитуваат сообраќајните правила кога ќе излезат од овде. Согласно Законот за пушење, затоа што може на некој пратеник да му текне да запали цигара. Согласно Законот за градење, затоа што може да побарате да ја одржиме седницата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е дивоградба. Законот за амбиенталниот воздух и Законот за отпад. Сакам да ви посочам на апсурдноста да се наведуваат закони врз основа на кои би работеле. Ние како пратеници и онака мораме да ги почитуваме сите важечки закони донесени во ова Собрание – порача пратеникот на СДСМ, Томислав Тунтев.

Горан Мисовски од НСДСП, смета дека со предложените измените членовите на ВМРО-ДПМНЕ сакаат да ја ограничат работата на Комисијата, а седниците да ги држат затворени за јавноста.

-Која е интенцијата? Да се повикаат на Законот за класифицирани информации во делот кога ќе дојдеме до содржината на прислушуваните разговори. Ова е со цел секогаш кога ќе се дискутира за содржината, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да побараат затворена седница. Вметнувањето на овие закони во членот и повикување на нивните одредби е обид да се злоупотреби мнозинството за сите седници каде ќе се расправа за содржината да биде затворени – предупредуваше Мисовски.

Павле Саздов цитираше дел од одлуката на Собранието и за прв пат од член на ВМРО-ДПМНЕ беше кажано дека надлежност на Комисијата е да утврдува политичка одговорност за содржината на прислушуваните разговори, а не само за околностите околу прислушувањето. Сепак Саздов не го прочита членот до крај.

Членовите на Комисијата вчера имаа координативна средба на која ги договориле дел од членовите. Сепак на барање на членовиет од ВМРО-ДПМНЕ денеска Деловникот треба одново да се отвори и да се разгледува првичната верзија, иако верзијата со внесените забелешки им била претходно доставена. Саздов образложи дека инсистира да се разгледува првичната верзија затоа што таа е објавена на официјалниот сајт на е-парламент, додека изменетата им е пратена на личните мејлови, што за него е неприфатливо.

Саздов рече дека прифатени се 90 отсто од техничките забелешки на членовите од ВМРО-ДПМНЕ, но дека во сто отсто од суштинските забелешки пратеничките групи комплетно се разликуваат.

-Нема потреба да усогласуваме нешто што веќе сме усогласиле. Можам да констатирам дека два дена изгубивме со вас Павле Саздов – реагираше претседателот Петре Шилегов.

Анкетна комисија има рок од шест недела да изработи извештај кој ќе ја утврди политичката одговорност за содржината од политичките „бомби“ и кој ќе одговори на прашањето „кој го вршел прислушувањето?“.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Тревога во пет авиони на „Делта ерлајнс“: „Никој нема да преживее“

Горан Наумовски

Поради дојава за бомба, полицијата го евакуира „Сава центарот“

Бомба тешка 250 килограми е пронајдена кај Нова Градишка

Експлозија во судница во Калифорнија, двајца повредени

Претседателството на БиХ добило дојава за поставена бомба

Горан Наумовски

Експлозија на лет од Крит: Патниците извикуваа „бомба, бомба, бегајте“