Здружението на новинари во Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ќе протестираат пред Клубот на пратеници, рече претседателот на ЗНМ, Насер Селмани. Тој додава дека најновите измени на Изборниот законик за медиумите се донесени во нетранспарентна постапка, а зголемувањето на казните ќе го зголеми притисокот врз медиумите.
– Го повикуваме медијаторот Питер Ванхауте веднаш да ги вклучи претставниците не новинарите и медиумите во разговорите. Ако не се преиспитаат казните и ако не бидеме вклучени во разговорите, ќе организираме протести пред Клубот на пратениците, а исто така ќе ги повикаме и медиумите да ги бојкотираат евентуалните решенија кои ќе произлезат од разговорите и партиите сами нека организираат фер избори без медиумите, рече Селмани.
Претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис, вели дека ова денеска е предупредувачка прес-конференција до сите кои професијата новинар ја направија најниско платена.
– Нема да дозволиме зад затворени врати да ни носат решенија. Нема да дозволиме да ни воведат цензура. ССНМ е згрозен од овој чин и од инсистирањето на мала врата да се внесе цензурата во медиумите, рече претседателката на Самостојниот синдикат.
Медумиските организации денеска истакнаа дека се многу револтирани за законското регулирање на интернет порталите, бидејќи со истата законска регулатива, казните до 8.000 евра, која се однесува на неменување на ценовникот на медиумите во последните три месеци пред распишување на изборите, за интернет портал или печатен медиум, би можеле да значат и затворање на медиумот.
– Револтирани сме затоа што интернет порталите на мала врата ги пикнаа во Законот и ги третираат како медиуми. Се прашуваме дали следното е да ги стават и во Законот за медиуми и да ги дефинираат и на тој начин да им се отвори можност за натамошно ограничување на слободата на изразување. Интернет порталите барем во Европа, никаде не се регулирани со посебни медиумски закони, тие веќе се регулирани со Законот за кривична постапка и со граѓанскиот закон за навреда и клевета, за нив важи и Законот за работни односи, за авторски права и законот за невладини ако издавач на порталот е невладина организација, затоа нема никаква потреба да бидат регулирани со посебни медиумски закони, рече Теофил Блажевски, член на извршниот одбор на Самостојниот синдикат на новинарите.
Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ во работните групи, Илија Димовски истакна дека став на партијата е одредување на глоби е во зависност од големината на медиумот.
– Нашиот став е во линија на тоа што организациите го соопштуваат, а тоа е во согласност со Законот за прекршоци, намалување на глобите, со тоа што оние кои имаат поголеми приходи ќе имаат поголем процент на глоба, а она помалите ќе имаат помала. Нашиот концепт кој го промовираме е поддршка на саморегулацијата, рече Димовски.
Меѓународниот посредник во преговорите за надминување на политичката криза во Република Македонија, Питер Ванхауте денеска изјави дека преговорите се пролонгирани до петок, и дека очекува тогаш законите да бидат изгласани во Собранието.
– Не се решени кадровските промени во МРТ и во Македонската информативна агенција. Треба да се изнајдат долгорочни решенија. Промената на луѓето нема да промени ништо во медиумската сфера. Исто така, комерцијалните медиуми не смееме да ги ограничиме со забрана за реклами затоа што тоа е така во целиот свет. Очекуваме идната недела да ги разгледаме сите понудени решенија и се надевам дека ќе најдеме конечно решение за да ја заокружеме оваа тема, изјави Ванхауте.
Александар Тодески