Германскиот претседател Јоаким Гаук изјави дека демократскиот свет се соочува со нов тип војна по нападите во Париз.
– Живееме во време во кое ги оплакуваме жртвите на нов тип војна. Тоа се жртви на банда подмолни убијци – терористи кои во името на исламистички фундаментализам повикуваат на борба против демократијата, универзалните вредности, но и против муслиманите кои не ја следат нивната варварска идеологија, изјави Гаук во германскиот парламент на денот на почит кон споменот на жртвите на двете светски војни и нацизмот.
– Нападот беше насочен против Франција, но и против отвореното општество, начинот на живот на слобода и еднаквост на Европа и целиот свет, рече тој.
– Луѓето кои ги извршуваат или оправдуваат овие дела, треба да знаат дека заедницата на демократите е посилна од интернационалата на омразата, дека ние ја наведнуваме главата пред мртвите, но никогаш нема да се поклониме пред тероризмот, изјави шефот на германската држава.