Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром синоќа во Подгорица на гостувањето кај Будуќност го претрпе третиот пораз во низа или вкупно шести по десет одиграни рунди во АБА лигата.
Црногорскиот шампион забележа победа со 65:55 во дуел на кој двете екипи не беа шутерски расположени. Избраниците на Алеш Пипан го одиграа најлошиот офанзивен меч во досегашниот тек на АБА лигата.
Иако, аеродромци имаа повеќе скокови, сепак слабиот процент на реализација (само 29%) не остави простор за да се освои „Морача“.
Тадија Драгичевиќ беше прв играч кај домаќините со 19 поени. Роберт Рикиќ и Алекс Мариќ постигнаа по 10 поени. Кај МЗТ се истакнаа Љубомир Младеновски со 13 поени и осум скока и Марко Луковиќ со 10 поени.
Тимот на МЗТ Скопје Аеродром со 14 бодови е на делба од 6-10.место, Будуќност е на врвот со 18 бодови.