„Три дена во септември“ го отвори 14. „Синедејс“

Од:

Фестивалот на европски филм „Синедејс“ вчеравечер беше отворен со македонска премиера на „Три дена во септември“ – дебитантски игран филм на режисерот Даријан Пејовски кој заедно со Игор Иванов е и косценарист на филмот.

Снимен е минатата година и е копродукција меѓу Македонија (Скопје филм студио) и Косово (Иконе студио). Селекторот Бернд Будер го избра за официјалната програма на „Синидејс“ кој првпат во 14-те години постоење беше отворен со македонски филм.

Се работи за современ, психолошки трилер базиран на два сосема различни женски карактера (Камка Тоциновски во улога на Марика и Ирена Ристиќ како Јана), кои преку меѓусебниот однос ги разоткриваат своите тајни и трауми. Двете се  заробени во еден простор и единствен начин да излезат од таму е да си помогнат една на друга.

Режисерот Пејовски е задоволен од позитивните реакции по премиерата. На прес-конференција денеска рече дека домашната премиера е најважна зашто и очекувањата од домашната публика се најголеми.  Филмот е камерен и тежиштето е на карактерите, двата женски лика кои ги изградија Тоциновски и Ристиќ.

– Актерките се бореа за своите ликови. Нивниот талент и занает придонесе за целиот амбиент, сценариото на филмот падна на нивниот грб и успеаја да го износат. Убаво е да се направи филм од женска перспектива, посебно на Балканот кој е прилично патријархална, мачо-средина, рече Пејовски.

Додаде дека сакал да направи филм со универзална тема кон која се почесто пристапуваат и автори од негова генерација од овој регион.

– Тие ги забораваат темите со војни од Балканот, време е да се надмине тоа, рече младиот режисер (1983) кој има потпишано неколку кратки филма.

Според продуцентот Томи Салковски, „Три дена во септември“ е освежување во кинематографијата. Од струката и критиката по фестивалите, рече тој, филмот  е препознаен како нов бран од овие простори. – Веќе се заситени од војна, страдање, транзиција, депресија во балканската кинематографија. Намерата и ни беше да покажеме нешто ново, рече Салковски.

Филмот е нискобуџетен и снимен со околу 250.000 евра, од кои скоро 200.000 евра се од Агенцијата за филм (максимален износ за дебитантски филм) и 49.000 од Косовскиот филмски центар.

– Поради лимитираниот буџет работевме брзо, во супстандардни услови и без многу време за корекции. Но и покрај буџетските рестрикции, имавме фантастична соработка, ентузијазам и позитивна енергија, рече Салковски.

Смета дека филмот ќе има богат фестивалски живот зашто имало интерес на маркетот во Кан во мај, а од светската премиера (2 септември 2015 на фестивалот во Монтреал) досега е избран во неколку официјални селекции. Беше прикажан на фестивалите во Чикаго и Котбус, а следуваат Братислава и Едрене.

Покрај Камка Тоциновски и Ирена Ристиќ, во актерската екипа се и Адем Карага, Салаетин Билал, Милица Стојанова, Кирил Коруновски, Александар Микиќ, Горан Трифуновски, Фатос Кријезиу, Ментор Зимберај и Блерим Черичи.

Директор на фотографија е Димо Попов, сценограф Снежана Поњаниќ-Муча, костимограф Емилија Ивановска-Атанасовска, а музиката е на Александар Пејовски. Филмот се снимаше 20 дена лани во септември, на локации на Преспанското Езеро, паркот Јасен и во Скопје.

Би можело да ве интересира

Премиера на краткометражниот игран филм „Имиња“ на „Синедејс“

Со премиерата на филмот „М“ отворен 22. CINEDAYS

Заврши 21 издание на „Синедејс“

Ана Ололовска

Вечерва проекцијата на филмот „Нема да си сама“

Филмот „Мими“ вечерва го отвора Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“

Горан Наумовски

Премиера на филмот „Синиот час“ на 13-ти јули во МКЦ парк кино

Ана Ололовска