Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, на својот профил пишува за Извештајот од Брисел и оценките за напредокот на Македонија. Еве што напиша Жерновски:
Владата падна на екстерното тестирање од Брисел.
Денес, за првпат, се согласувам со „претседателот” Ѓорѓе Иванов, кога вели дека „годинешниов извештај на Европската комисија дава објективна слика за состојбите во повеќе области во Република Македонија”.
Македонија годинава ја доби најлошата оценка од Брисел досега, со условена препорака за почнување на преговорите. Меѓународниот фактор ќе тестира како се исполнува договореното од Пржино и колкав ни е капацитетот и желбата за фер и демократски избори во април.
Еврокомесарот Хан јасно оцени дека „Македонија се соочува со најтешката политичка криза изминативе години. Кризата дополнително се продлабочи со објавувањето на прислушуваните разговори. Овие откритија ги потврдија сериозните сомнежи за политичко вмешување и корупција на високо ниво, на кои Европската Комисија укажа и во претходните извештаи”.
Во Извештајот за „напредокот” стои дека Македонија во изминатата година назадувала речиси во сите области. За илустрација, да сублимираме неколку заклучоци:
– Политичкиот систем во Македонија е поткопан од корупција
– Прислушуваните разговори ставаат на знаење дека има нарушување на фундаменталните права, мешање во судската независност, во слободата на медиумите, во изборите како и корупција
– Во делот на слободата на медиумите ЕК констатира: понатамошно назадување и изразува загриженост за нетранспарентното финансирање на некои медиуми
– Во делот наменет за борба против корупцијата, ЕК забележува дека не е постигнат никаков напредок изминатава година за веќе идентификуваните проблеми а корупцијата е широко распространета
Но, најсмешно од се’ е изјавата на Груевски дека „на теми опфатени со Извештајот, најдобра оценка може да даде народот”. Оттука, сосема логично е да му го поставиме следното прашање:
Премиере, кажувате дека не сте задоволни од екстерното тестирање на Европската Комисија?
Екстерното тестирање е многу важно за квалитетот на образованието, но не и за напредокот на држата кон ЕУ, нели? Зошто не го слушавте народот кога воведувавте екстерно за учениците инстудентите? Тие, како дел од вашиот „народ“, јасно се спротиставија на тоа, зарем не?
Популистичката реторика на Груевски го достигна својот максимум. Тој е до толку останат без аргументи, што ништо друго не му преостанува, освен да дава вакви небулозни и популистички изјави, со кои се девалвира пред целата јавност. А кога сме веќе кај народот и неговите потреби, би сакал да го потсетам нешто. Народот, премиере, сака државата да ја види во НАТО и ЕУ. Погледнете си ги анкетите, кои ви се главна водилка во животот, за да разберете дека преку 80% од граѓаните сакаат европска Македонија. Вашите постапки и политики ја водат земјата во спротивна насока. На народот му е сосема јасно зошто Извештаите, од година во година, се се’ полоши.
Македонија нема друг пат, освен оној кон евроаталантските интеграции. Додека Груевски е на чело на државата, Македонија ќе се движи во спротивен правец. Време е конечно да се ослободиме од вистинските кочничари, како што љуби да каже тој, за да го продолжиме патот кон ЕУ и НАТО.