Советот за јавни обвинители денеска закажа седница на која ќе се разгледаат останатите седум обвинители што ги избра и предложи специјалниот јавен обвинител, Катица Јанева, но кои не беа изгласани. Се очекува Советот да одобри уште пет кандидати од предложената листа на Јанева, додека двајца би отпаднале, дознава А1он.
Според непотврдени информации, одлуката на Советот е дел од договорот што вчера бил постигнат меѓу политичките партии. Јанева ќе добие уште пет обвинители, а за возврат нејзиниот буџет за наредните квартали ќе биде помал од побараното.
Претседателот на Советот, Петар Аневски, потврди дека членовите денеска во четири часот повторно ќе се произнесат за останатите обвинители на Јанева.
Тој изминатиот период изјавуваше дека Советот не може да ги изгласа останатите седум од вкупно четиринаесет предложени кандидати, затоа што јавните обвинителства низ земјава се соочуваат со недостаток на кадри и, како што велеше, се наоѓаат во катастрофална состојба.