Женскиот хор од Аеродром „Рустико“, под уметничко раководство на маестро Запро Запров, го освои првото место во фолклорната категорија за женски хорови на меѓународниот натпреварувачки хорски фестивал „Ин канто сул гарда“ што по единаесетти пат се одржа во малото живописно гратче Рива дел Гарда на северниот брег од езерото Гарда, во Италија и тоа во конкуренција на хорови од Норвешка, Шведска, Данска, Италија и други европски држави.
Во фолклорната категорија, соопшти општина Аеродром, беа изведени дела од македонски автори како „Дафино вино црвено“, „Селска свита“ и „Кољо гидија“.
Деновиве на својата веб-страница реномираниот меѓународен хорски фестивал „Лауреа мунди Будапест“ објави дека женскиот хор „Рустико“ е номиниран за директно учество во големото финале наредната година, што е привилегија и чест резервирана за најдобрите светски хорови кои се карактеризираат со високо уметничко ниво и со постигнати исклучителни резултати на меѓународните хорски натпревари и фестивали.