Поранешниот премиер на Италија Силвио Берлускони, кој беше осуден за финансиски измами преку неговата компанија “Медиасет”, најави дека планира да се врати на италијанската политичка сцена. Главниот мотив за одлуката на Берлускони била намерата да го промени судскиот систем во земјата.
Претходно оваа недела, Берлускони рече дека ја напушта политиката и само ќе ја следи, без да учествува непосредно. Очигледно, сепак вчерашната пресуда го променила неговиот став.
Во петокот Берлускони доби четири години затвор, но малку подоцна судот во Милано му ја намали казната на една година. Одлуката не е конечна.
“Се чувствувам должен да останам во полето на политиката поради реформата во судството, за да не им се случи и на други граѓани она што ми се случи мене”, изјави Берлускони за една од неговите телевизии.
Силвио Берлускони ги обвини европските лидери за “заговор” против него. “Со насмевка на устата, Ангела Меркел и Никола Саркози се обидуваа да го дискредитираат мојот политички имиџ на светската сцена”, изјави Берлускони и додаде дека поднел оставка најмногу поради интересите на Италија.