Андреј Жерновски, градоначалникот на општина Центар, на својот профил на платформата за објавување на колумни media.mk, пишува за „одличната“ идеја на Груевски, обиколницата да се затвори на точно 21 ден, и да се издаде на француско филмско студио. Жерновски прашува дали вредело бидејќи бројката на сообраќајни несреќи во последниот месец стана застражувачки голема.
Еве што напиша Жерновски:
Груевски, очигледно, обожува математика. Сепак, таа му е составен дел од струката. Ги сака бројките кои често се важен сегмент од неговите егоцентрични хвалоспевања на самиот себе. Една од првите работи кои се учат поврзани со математиката се равенките. Двете страни од равенката треба да се секогаш еднакви.
Деновиве во главата ми се појави една равенка, која на прва можеби и не е толку едноставна како збир на нововработени од еден или друг сектор.
Комплицирана е, но и мачна за мислење. Тешка за решавање и болна. Да ви ги објаснам компонентите. Како и во секоја равенка, имаме познати и непознати. Познатите сегменти во равенката се следниве:
Познато ни е дека токму во последниот месец (од 7-ми до 28-ми септември) владата доби “одлична” идеја обиколницата да се затвори на точно 21 ден, и да се издаде на француско филмско студио. Сумата која е добиена од студиото е 17,5 милиони денари. Не евра. Не долари. Денари. Во превод, нешто помалку од 280 000 евра. А оваа скромна, или подобро речено симболична сума за едномесечно гушење на главниот град, ќе била насочена во реконструкција на државните патишта.
Како мала споредба, пред 15-тина години, за време на снимањето на вториот дел од филмскиот хит “Матрикс”, продуцентите барале да изнајмат автопат на кој ќе ја снимале една од акционите сцени. Откако не го нашле, решиле да изградат автопат. Тој потфат ги чинел 40 милиони долари.
Познато ни е дека бројката на сообраќајни несреќи во последниот месец стана застражувачки голема. Сетете се дали има ден во кој нема најмалку една тешка сообраќајна несреќа. Пешаци, велосипедисти… Никој не е безбеден. Еве една статистика за сообраќајни незгоди во Скопје, која ја собрав од интернет, и се однесува само на периодот во кој беше затворена обиколницата, односно до 7 до 28 септември. Во овој период имало 94 сообраќајни незгоди, 66 повредени и двајца загинати учесници. Внимавајте, ова е статистика достапна на интернет од медиумите, оставам простор да не е целосна и бројките да се повисоки.
Сега, да ја погледнеме уште еднаш нашата равенка. Од една страна загубените животи, сообраќајни несреќи, материјална штета, стресот на граѓаните, а на друга страна смешната сума која државата ја наплатила од филмското студио.
Сакам да го прашам премиерот, кој “одлично” ја познава математиката,може ли тој да ја израмни оваа равенка? Со која напредна математичка пресметка се прави тоа? Јас не знам, нека каже тој!
Не грижете се, има и непознати.
Дали официјалната статистика укажува на драстично зголемување на сообраќајните несреќи во периодот кога обиколницата беше затворена?
Дали и колку од овие несреќи се предизвикани како директна последица на оваа одлука?
Ако има поврзаност, во што не се сомневам, сакам отворено да ја прашам владата — дали вредеше?!
На крајот на денот, ќе мораме да повлечеме линија, за да се понесе одговорноста за сите овие несреќи, кои не’ натераа да се газиме меѓусебно на улица.
Да се надеваме дека Спилберг нема да реши да снима некој апокалиптичен филм тука. Тогаш можеби за милион евра наплатени од државата ќе треба да се иселиме на неколку години.