Вести за еднократна употреба?
Пишува: Проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права
Одредени медиумски вести предизвикуваат огромно внимание (било заради тоа што станува збор за личност која предизвикува моментален или континуиран интерес или, пак, станува збор за активност или настан кој го привлекува вниманието на поголем број граѓани).
Кога веста се однесува на ситуација што ги поврзува овие два елементи и ги става во контекст на одговорноста на државата и на нејзиното остварување на обврските, веста добива уште поголем публицитет. Во вакви ситуации, властодржецот вообичаено се обидува да го сврти вниманието на јавноста од себе, од институционалните обврски што ги има и од одговорноста која ја сноси. Свртувањето на вниманието, вообичаено, значи дека е направено прекршување на законите за што властодржецот не сака да преземе одговорност или, пак, што е исто така често, сака да го ефектуира прекршувањето, меѓутоа подалеку од очите на јавноста.
На пример, таква беше медиумската вест за тоа дека поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (кој поднесе оставка под притисок на јавноста и како резултат на објавени информации за можна злоупотреба на службената должност), Сашо Мијалков, добил дипломатски пасош.
По објавувањето на информацијата во медиумот „Либертас“ (ЕКСКЛУЗИВНО: Мијалков не е функционер, а добил дипломатски пасош како експерт неделава?!), не само што ова го пренесоа голем број медиуми, туку стана и тема од исклучителен интерес на социјалните мрежи.
Случајот поттикна и малку пошироки медиумски анализи на проблемот, како и дистрибуција на прашањето поставено од опозициската партија СДСМ за тоа врз основа на што и во каква процедура е издаден ваков пасош.
По три дена од објавувањето на веста, во медиумите беше објавена изјавата на Сашо Мијалков дека нема да го подигне дипломатскиот пасош (кој, според него, е издаден на соодветен начин и со почитување на одредбите на законите).
Паѓа в очи дека сите медиуми пренесуваат една иста изјава, која Сашо Мијалков ја има дадено за медиумот „Прес24“, без никакви понатамошни прашања ниту, пак, понатамошна разработка на сторијата.
Меѓутоа, независно од желбата на Сашо Мијалков да го земе и да го користи или не издадениот дипломатски пасош, остануваат многу неодговорени прашања и простор за понатамошна анализа и за продлабочен интерес на медиумите:
- Многу е важно која институција побарала издавање на ваков пасош (ако се има предвид дека процедурата не предвидува индивидуално барање). На пример, доколку станува збор за МВР (како што се спомнува во информацијата дадена на „Телма“), тоа значи дека разрешувањето на Мијалков не влијаело на нарушување на односите на партиска хиерархија воспоставена во ова министерство. Откривањето на службите и на конкретните лица кои спротивно на законот побарале дипломатска патна исправа за човек кој морал да поднесе оставка на функцијата (и тоа заради јасно изразена перцепција на голем дел граѓани дека е сторител на кривични дела), е исклучително важно за понатамошното функционирање на ова министерство и за воспоставувањето на принципот на казнивост и на највисоки функционери во власта. Особено важно во ваква ситуација е идентификувањето на командната одговорност (која во Македонија упорно се избегнува).
- Важно е да се утврди како се случило Министерството за надворешни работи да издаде ваква патна исправа и кој е директниот наредбодавец што стои зад тоа. Имено, прекршувањето на законот е направено независно од тоа дали исправата е подигната и искористена или не, односно, самото издавање на ваква исправа претставува прекршување на законот, а не нејзината употреба.
- Медиумите би требало да се заинтересираат за судбината на исправата. Тоа што Сашо Мијалков во моментот се откажал од тоа да го земе пасошот, воопшто не е гаранција дека тоа нема да го направи утре или задутре или, пак, дека пасошот нема да му биде предаден на друг начин. Во случајот, апсолутно недоволно е поништување на исправата. Медиумите мора да го постават прашањето на предавање на исправата (заедно со комплетната придружна документација) на надлежните органи како доказ за сторено прекршување на законот во евентуална постапка која би се водела во врска со случајот.
- Ваквите случаи секогаш можат и треба да бидат искористени за поширок опфат на проблемот, односно за развивање сторија поврзана со начинот на издавање на дипломатските и на службени пасоши, за бројот и за оправданоста на причините заради кои се издаваат. Постоењето голем број службени и дипломатски пасоши може да се гледа и од перспектива на угледот на државата, која ја гарантира потребата од издавање на секој конкретен пасош и која не смее да ја девалвира ниту институцијата службен и дипломатски пасош, ниту, пак, довербата што другите држави ја имаат во нашите документи.
Разоткривањето на ваков вид случаи, како што е откритието дека на човек кој нема право на одредена привилегија истата му е дадена, претставуваат еден од важните аспекти на контролата над власта што ја имаат медиумите. За да може оваа контрола да се ефектуира, потребно е аргументирано лоцирање на одговорноста и барање да биде санкционирано прекршувањето на законот направено (особено) од високи државни функционери.
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).