Над 54.000 жители во источниот дел на Индонезија, каде што речиси два месеци беснеат пожари, побарале лекарска интервенција поради проблеми со респираторниот систем и очите.
Во првото официјално соопштение од здравствените власти денеска се нагласува дека лекарите дијагностицирале 44.960 случаи на акутни заболувања на органите за дишење, над 2.700 посериозни проблеми со видот и дури 769 случаи на пневмонија.
Во подрачјата на островите Суматра и Калимантан, каде што од почетокот на месецев се регистрирани над 600 поголеми пожари има над 36 милиони жители, а поради високата концентрација на чад во воздухот прогласена е вонредна состојба.
Од средината на септември во овој дел на Индонезија се затворени училиштата и градинките, а маските за лице се најбараниот производ.
За гаснење на пожарите на истокот, Индонезија испрати и десетина илјади војници и полицајци, кои им помагаат на локалните пожарникари и населението. Во гаснењето учествуваат и голем број авиони и хеликоптери, но за сега пожарите само успешно се локализираат.
Поради долгата суша и структурата на растенијата во регионот, обично богати со масло, пожарите и натаму лесно избиваат.
Од облаците чад што доаѓаат од Индонезија, значително над нормалата е зголемена концентарцијата на опасни материи во воздухот и во Сингапур и поголем дел на Малезија. Жителите на овие подрачја не излегуваат на улица без маски на лицето, а во Куала Лумпур и појужните градови во Малезија децата најчесто остануваат дома.
Како куриозитет, но мошне сериозно, друштвата за заштита на животните во Сингапур побараа маски за дишење да им се врзат и на големиот број мајмуни во зоолошките градини. Властите ветија дека тоа ќе го сторат од понеделник, ако сосотојбата со смогот не тргне кон подобро.