Талибанските бунтовници денеска презедоа контрола врз административниот центар на округот Вардуж, во североисточната авганистанска провинција Бадахшан, јави Би-Би-Си.
Според окружниот управник на Вардуж, владините сили се обиделе да го спречат напредувањето на талибанците, но по неколкучасовни борби биле принудени да се повлечат од градот.
Талибанците во понеделникот презедоа контрола и врз градот Кундуз, административен центар на истоимената северна авганистанска провинција, по што вчера владините сили започнаа операција за потиснување на талибанските бунтовници од градот.
Авганистанската армија попладнево соопшти дека нејзините војници „го ослободиле“ Кундуз, но според западните медиуми, жестоките судири во градот и неговата околина продолжуваат.