Властите во Саудиска Арабија тврдат дека во човечкото стампедо, што минатата недела се случи во Мека, нема илјада или повеќе загинати верници, како што тоа се тврди во дел од меѓународната јавност.
Официјален Ријад ги отфрлува како сосема неточни и некоректни, обвинувањата за „сокривање и манипулирање“ со вистинската бројка на загинатите.
Според саудиската влада, во стампедото за време на аџилакот загинале 769 верници од разни земји во светот, а дека други 934 се повредени.
Претходно, еден висок функционер на владата на Нигерија изјави дека бројката на загинатите е многу повисока, од официјалната со која оперираа саудиските власти, тврдејќи дека во стампедото загинале 1.075 лица.
Конфузија настана откако индискиот министер за надворешни работи, Сушма Свараџ, на Твитер напиша дека саудиските власти „прикажале фотографии„ на телата на вкупно 1.090 мртви лица.
Тоа предизвика критики во повеќе муслимански земји, кои ги обвинуваат Саудијците за „катасрофална организирање“ на аџилакот, но и за неснаоѓање по тешката несреќа во која има толку многу мртви.
Особено остри критики до Саудиска Арабија упати Иран, од каде има и најмногу жртви. Вкупно 228 Иранци има меѓу загинатите во човечкото стапнедо, за кое се уште не е определено како настанало, ниту кој е одговорен за тешкиот инцидент.
Официјален Техеран побара јавно извинување од Ријад за несреќата и жртвите, а иранскиот претсседател Рохани остро ја критикуваше Саудиска Арабија и во своето излагање во Генералното собрание на ОН.
Саудиските власти изразија жалење поради жртвите, но од Ријад се соопштува дека нема да има никакво извинување до Иран.
За фотографиите за кои зборува индискиот министер, Саудијците велат дека сите мртви тела не се на луѓето кои дошле на аџилак, туку дека меѓу нив се и оние на жртвите од паѓањето на големиот кран врз џамијата во Мека, како и на странци кои живеат во Саудиска Арабија а дошле на аџилукат, без да имаат дозвола.
Властите во Ријад тврдат дека голем број од мртвите тела, прикажани на службените фотографии им припаѓаат на лица кои починале за време на аџилакот, од како што се вели, разни причини.