Занимања за кои никој повеќе не се интересира

Од:

Ал Џезира Балкан – Сараево

Ако според нешто е позната Зеница, тогаш тоа е тамошната железара и рудниците во околината. Но, загрижувачки делува податокот дека тамошното Мешовито индустриско училиште веќе со години има проблеми со упис на идни рудари, а во последните 15 години не е запишан ниту еден топилничар или пластичар на метали. Ова лето за занимањето рудар се пријавил само еден ученик, па и него го упатиле да се одлучи за некое друго занимање, бидејќи не можел да биде единствен во класот.

За да ги запознае учениците со понудата на занимања кои ги нуди училиштето што го води, директорот Фадил Хоџиќ секоја година ги посетува основните училишта на зеничкиот, витешкиот и какањскиот регион, обидувајќи се да ги насочи да се одлучат за занимања кои ќе им помогнат полесно да најдат работа. Но, таа мисија воопшто не му е едноставна.

– Кога ќе ме прашаат со кое занимање најлесно ќе најдат работа, па им велам дека тоа се рударите, ни родителите, ни децата не реагираат позитивно. Ниту за другите две занимања како што се топилничар или пластичар на метали во железарата, кои не се опасни како рударското занимање, нема заинтересирани, вели Хоџиќ.

Целта е децата и родителите да се информираат, со што ќе им се помогне на младите да не чекаат долго при барање на работа и да не ги поминуваат годините на евиденцијата на невработени, продолжува тој, но очигледно владеат искривени ставови и определби.

– Сметам дека свеста на родители е на тоа ниво, децата да ги запишат на занимања или насоки според нивната убавина. Убаво е да се запишат на некое занимање, но нема врска што во Зеничко-добојскиот кантон има неколку илјадници такви на бирото за вработување, предупредува Хоџиќ.

Германија и Австрија бараат оџачари

Приказната од Зеница е распространета низ цела Босна и Херцеговина. Од Агенцијата за вработување на БиХ наведуваат дека генерален тренд, не само во БиХ туку и во светот, е побарувачка за кадри во услужните дејности, а помалку во индустријата.

Како барани занимања ги наведуваат медицински сестри, но и ѕидари и заварувачи. Во таа смисла посебно укажуваат на програма која ја спроведуваат во соработка со одговорни на германскиот пазар на трудот, кој нуди работа на медицински персонал од БиХ.

– Оваа година затоа и најбарано средно училиште беше медицинското. За програмата за праќање на негувателки во Германија, за што се бара средна стручна подготовка медицинска насока, познавање на германски јазик и положен стручен испит, и понатаму владее голем интерес. Но, проблем е што стручниот испит може да го полагаат по шест месеци работа, а тешко е да се дојде до работа за шест месеци, објаснува Борис Пупиќ од Агенцијата за вработување.

Тој додава и дека Германија бара и занимања кои за жал не постојат во БиХ. Во последно време голема е побарувачката за оџачари, кои ги бараат Австрија и Германија.

– Приказните за тоа дека работодавците на Запад бараат работници кои знаат да работат, а дека не им се важни документи, не се реални. За работна дозвола основно е да се има документ, а за одредена работа важна е одредена квалификација, додаде Пупиќ.

Преку пракса до работа

Средношколскиот центар во Вогошќа на своите ученици им нуди и курсеви, но и пракса. И во самото училиште нудат можност за одење на пракса, но многу ученици тој дел од образовниот процес го одработуваат во вогошќанската индустриска зона. Во тоа гратче, додуша, со години нема млади кои во иднина би биле алатничари, машинбравари или металостругари, но постои интерес за автолимари, автомеханичари, бравари, заварувачи, оператори на CNC машини (Computer Numerical Control).

– Со општината имаме договор секоја година пет ученици од подрачјето на Вогошќа да добијат стипендија само ако се запишале за бравар или заварувач. Значи, без оглед на успехот. Добар дел потоа и се вработуваат. Се уште ни доаѓаат луѓе од стопанството и бараат бравари, заварувачи и металостругари, но нема интерес. Очигледно сите сакаат во гимназија и да бидат само бројки на бирото, а не сакаат да работат. Ние сме училиште каде се школуваат тие кои сакаат да работа, констатира Селмо Лакота, директор на Средношколскиот центар на Вогошќа.

И стручното и техничкото училиште во Дервента, исто така нуди низа занимања, во угостителството, обработката на метали, земјоделството, економијата, правото, туризамто…, со кои на младите им се дава добра шанса на пазарот на трудот.

– Постои голем интерес за економија, право и трговија, без оглед на тоа што ги има премногу на бирото и што многу малку од нив можат да најдат работа. Секогаш има деца кои сакаат да седат во канцеларија, отколку да работат некаде на машина. Имаме интерес и за земјоделски техничари, бидејќи голем дел од населението живее од тоа, па ги насочуваат децата да се бават со таа работа. Немаме проблеми ни со упис на готвачи и келнери, иако тие се тригодишни занимања, исто како и за бравари или заварувачи, укажува Бранка Јовиќ, директорка на училиштето.

Поттик за вработување на млади со тригодишно училиште даваат и приватни компании од Австрија и Германија, кои ги повикуваат младите на пракса, а потоа им нудат работа, додека младите келнери и готвачи стекнуваат вештини за работа во ресторани и хотели во БиХ или на Запад.

– И без факултети тие деца можат да најдат работа. Така треба да ги насочуваме со своја работа да можат да останат тука и да остварат своја егзистенција, а не по секоја цена да студираат, без потцнување на никого, каде ќе имаат факултетска диплома и ќе седат дома без работа, додава Јовиќ.

Имаат диплома, но немаат знаење

Економскиот аналитичар Ерол Мујановиќ укажува дека многу често се случува родителите да ги запишат децата на студии за занимања кои добро звучат, со кои можеби тие самите сакале да се бават и кои социјално се посакувани и поприфатливи, а сето тоа без познавање на динамиката и карактеристиките на пазарот на трудот.

– Тоа се сведува на тоа, како хирург да оперира во темница. Проблем е и запишувањето на децата и нивното праќање во области за кои не се интересираат и за кои немаат афинитети, што може да биде извор на дополнителни фрустрации, предупредува тој.

Дополнителен проблем е вели тој, недостигот на знаења, бидејќи кадарот не е обучен како што треба и согласно проблемите на работодавците, па често младите се без соодветно практично искуство. Во тој случај работодавецот самиот мора да надомести се што образовниот систем не направил.

– Другата страна на проблемот се однесува на количеството на работната сила и навистина се случува и натаму да се произведува кадар кој пазарот не може да го апсорбира, а постојат дефицитарни занимања во кои луѓето добиваат работа пред крај на обуката или работат кај два или три работодавци истовремено, наведе тој.

Според него, чекањето системот т.е. владата нешто значајно да направи во смисла на адаптација на потребите на пазарот на трудот е илузорно, бидејќи едноставно немаат капацитет за такво нешто. Тој заклучува дека во таквата констелација на односите, многу кандидати се препуштени сами на себе и на сопствената снаодливост и можностите да најдат вистинска прилика.

Би можело да ве интересира

Голем интерес за сезонска работа: Рекорден број на агенции за вработување странци во Хрватска

А1он

На граѓаните не им се работи во „Бехтел и Енка“: Стигнале само 360 апликации за 2.000 работни места

A1on

Бројот на слободни работни места во Словенија достигна рекордно високо ниво во вториот квартал

Драстичен пад на вработените во угостителскиот сектор во Германија

Во Хрватска сезонска плата над 1000 евра за печење палачинки

Предраг Петровиќ

Стопанството бара под итно да се изгласа ребалнсот на Буџетот

Ана Ололовска