Најголемиот дел од спортовите и спортските федерации, попладнево имаа можност да се промовираат пред пошироката јавност преку манифестацијата на Агенцијата за млади и спорт – “Отворен ден на спортот – Саем на спортови”.
Според АМС, активноста, која се одржа на плоштадот Филип Втори во центарот на Скопјена, е дел од одбележувањето на Европската недела на спортот, преку кампањата на ЕУ – “Биди активен”.
– Верувам дека овој собир ќе придонесе за популаризацијата на сите спортови. Нашата основна цел е да ја зголемиме свесноста за важноста на спортот и физичката активност, особено кај најмладите, заради нивниот правилен раст, правилно насочување и елиминирање на ризикот од користењето на пороците на денешницата. Убеден сум дека ќе потврдиме дека сме спортска нација, истакна на отворањето, директорот на АМС, Марјан Спасески.
Покрај спортска опрема и бројните реквизити кои беа изложени на спортскиот саем, посетителите имаа можност да поразговараат и со нивните спортски идоли како Здравко Дејановиќ, Мартин Несторовски, Бобан Илиоски, Златко Кескоски и многу други.
Во рамки на Европската недела на спортот на 11 септември ќе се одржи “Ден на универзитетскиот и училишен спорт”, кога ќе се соберат најдобрите училишни и универзитетски клубови во фудбал и атлетика и ќе се организираат нивни меѓусебни натпревари. Целта на овој настан е промовирање и поттикнување на активностите на училишните и универзитетски спортски клубови, како и промоција на резултатите постигнати во рамките на овие клубови, наведуваат од АМС.