Актерот-комичар Џими Моралес се наоѓа во водство, пред десно-центристичкиот кандидат и бизнисмен, Мануел Балдизон, покажуваат првите резултати од пребројувањето на гласовите на претседателски избори во Гватемала, што се одржаа вчера.
За Моралес досега се определиле 25, а за Балдизон 21 отсто од гласачите.
Првичните резултатите навестуваат дека ниту еден од кандидатите нема да освои најмалку 50 отсто од гласовите на Гватемалците за да победи, па ќе се одржи втор круг, предвиден за 25 октомври.
Во текот на предизборната кампања, актерот Моралес зборуваше дека најважната работа за оваа централноамериканска земја е совладување на длабоко раширената корупција.
„Гватемала сака промени, за да повеќе не биде водена од луѓе со мрачно минато„- зборуваше Моралес.
Балдизон во своите пораки до гласачите инсистираше на потребата за смирување на тензиите во земјата и за мир.
„На Гватемала сега и е најважно да се врати мирот и затоа се потребни овие избори„ рече во своето последно обраќање бизнисменот и претседателски кандидат Мануел Балдизон
Изборите се одржуваат во услови на длабока политичка криза и поделеност во земјата, откако минатата недела, досегашниот претседател Ото Перез Молина беше присилен да поднесе оставка.
Молина е обвинет за корупција и викендот го помина во притвор.Против него е покрената истрага истрагата за обвинувањето дека управувал со тајна шема за одбегнување плаќање царина.
Досегашниот претседател се обвинува дека примал поткуп од бизнисмените, за да не плаќаат царина при увозните зделки, со што државата била оштетена за голем износ милиони долари.
Голем број Гватемалци предлагаа, изборите да се одложат додека не се расчисти ситуацијата со Молина и аферата што неколку месеци ја потресува Гватемала.
Покрај обвинетиот поранешен претседател Молина, пред него, за истите обвинувања за корупција, оставки поднесоа и потпретседателот на државата, како и десетина државни функционнери.